БЕШЕ ЕДЕН ОД ОСНОВОПОЛОЖНИЦИТЕ НА СУДСКИОТ СИСТЕМ ВО ЗЕМЈАВА: Почина Ленче Софрониевска
Вчера, на 26 ноември, на 77 годишна возраст, почина Ленче Софрониевска, истакнат правник и судија, една од основоположниците на современиот судски систем во Македонија во периодот по стекнувањето независност на државата и на преминот во плуралистичка демократија.
Најголем дел од својот професионален живот го посвети на реформите во правосудството заради обезбедување на самостојност и независност на судската од извршната и законодавната власт.
Таа е родена на 14 јануари 1948 година во Скопје, а правосудната кариера ја започнува во 1974 година во Општинскиот суд Скопје 2, кога била избрана за најмлад дотогаш избран судија во тогашната СР Македонија.
По прогласувањето независна македонска држава, Ленче Софрониевска била советник во првата Влада на Република Македонија, а потоа генерален секретар на Владата.
Беше судија и претседател на Апелациониот суд во Скопје, како и член и претседател на Републичкиот судски совет на Република Македонија, а до пензионирањето работеше како адвокат.
