Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бербок до Муцунски: ЕУ засега одлучува само едногласно

Бербок до Муцунски: ЕУ засега одлучува само едногласно

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок по средбата со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во Берлин рече дека понатамошниот евроинтегративен процес на Македонија ќе продолжи само со едногласна одлука на земјите членки на ЕУ.

Таа во изјава за Дојче Веле вели дека сè додека во Европската унија се одлучува едногласно, Македонија мора да ги почитува компромисите и да ги вметне Бугарите во уставот за да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Според Бербок, во овој случај не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ, иако и таа самата вели дека се залага за укинување на принципот на едногласност во ЕУ, особено во делот на проширувањето.

„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, истакна Бербок на заедничката прес-конференција со Муцунски.

Германската министерка при тоа повторила дека вметнувањето на бугарското малцинство во уставот е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ.

Муцунски соопшти дека со германската министерка било разговарано за евентуалното одлучување во ЕУ со квалификувано, наместо со едногласно мнозинство.

„Нагласувајќи ја посветеноста на владата насочена кон реформскиот процес, министерката Бербок ја потенцираше важноста на реформите во правосудството, борбата против корупцијата и зајакнувањето на правната држава, кои се клучни за нашиот напредок. Таа, подвлече дека Германија ја поддржува идејата за напредување кон квалификувано мнозинство во ЕУ одлучувањето, наместо едногласно, што би имало значајно влијание и врз процесот на пристапување на земјите кандидати“, подвлече Муцунски.


Слично

Поврзани вести