БЕРАТ БАДНИКОВИ ГРАНЧИЊА И ГИ ПРОДАВААТ: Цената е симболична, важна е традицијата
Луѓето кои живеат на село, берат бадникови гранчиња и ги продаваат ден пред големиот христијански празник Бадник.
Истото го прават со години. Велат цената е симболична, а берат бадникови гранчиња поради традицијата која трае со генерации. Во Куманово на повеќе локации во центарот на градот се продаваа бадникови гранчиња по цена од 20 денари. Купуваа и мажи и жени и млади и повозрасни, подготвувајќи се за празникот. Продавачите објаснуваат дека ќе продадат стотици гранчиња, а заработуваат скромна дневница колку да ги покријат трошоците за превоз од руралната до урбаната средина.

„Луѓето купуваат по едно или две гранчиња, зависно од потребите. Одиме во шума, ги береме, ги кроиме, ги донесуваме во градот и ги продаваме. Цената е симболична, дневницата ќе излезе 500-600 денари. Секоја година сум тука, веќе 5-6 години. Ова не е за заработка, ова е за да ја одржуваме традицијата. Наместо да седиме дома, еве дојдовме да продаваме“, вели жител на кумановско кој продава бадникови гранчиња.
Бадниковите гранчиња се наоѓаат и на тезгите на зелените пазари.
„Купив едно гранче. Тоа е декор на трпезата, ама и на душата ми е убаво. Така останало од постарите и ние старите така тераме за да остане за младите“, кажа Цвета Петровска, граѓанка.
Оние кои не купиле бадникови гранчиња на ден пред Бадник, тоа ќе го сторат утрото на Бадник.
„Јас земам гранчиња на Бадник, откако ќе одам во црква, потоа на плоштадот има веселба, музика и се делат гранчињата“, додава друга жена.
Бадниковото гранче треба да се постави во огништето или каминот и да гори за Бадниковата вечер. Општо и целата куќа се украсува со бадникова гранчиња.
Наталија Милковска, етнолог од Градскиот музеј во Крива Паланка вели дека од село до село во една општина има разлики во обичаите, а не пак од регион до регион во државата.
„Ние во Крива Паланка не купуваме гранчиња, туку домаќините рано наутро самите ги берат. На 5 минути од градот можат да се најдат бадникови гранчиња. Бадниково гранче се става на масата, а со него се украсува портата или вратата на куќата. Во текот на вечерата тоа бадниково гранче се гори во огнот, а под масата се става слама и таа слама утредента луѓето кои имаат овошни дрвца ја врзуваат на нив, за родна година“, објаснува Милковска.
Бадниковото гранче, кое го симболизира здравјето, ги слави животот и вечната среќа. Тоа е гранче од дабово дрво, а во дамнешните времиња овие дрвја се сметале за најиздржливи и за вековити.
Сања Атанасовска