Беличанец: Нема ништо спорно што ги продадов акциите од „Тетекс“, едноставно ми требаа пари
Тито Беличанец, кој беше член на Надзорниот одбор на акционерското друштво „Тетекс“, за Фактор вели дека нема ништо незаконски во фактот што тој продал дел од своите акции во компанијата пред десетина дена, и покрај тоа што знаел дека ќе се затвори погонот за тешка конфекција на компанијата.
„Тука нема ништо незаконски. Тоа е од причина што компанијата, со затворањето на погонот за тешка конфекција, нема да биде во понеповолна состојба отколку што била претходно. Напротив, компанијата со затворањето на погонот ќе премине во поповолна состојба. Ова од причина што таа ќе ги исплати отпремнините на вработените како еднократен трошок, но понатаму тој погон веќе нема да создава загуби на компанијата, кои досега беа покривани од другите профитабилни дејности“, вели Беличанец.
Според него, таа трансакција би била спорна само доколку компанијата, со затворањето на погонот, би отишла во понеповолна позиција, што сега не е случај.
Тој за Фактор вели и дека веќе нема да биде член на Надзорниот одбор на компанијата, од причина што ќе се одржи ново Собрание на акционери, на кое нема да се изврши негов реизбор, бидејќи компанијата ќе се претсруктуира и ќе се избере ново раководство.
„Јас дадов согласност дека не сакам да бидам реизбран за член на Надзорниот одбор. Логично е ние да им дадеме шанса и предност на помладите кадри“, вели Беличанец.
Инаку, како што објаснува Беличанец, идејата за затворање на погонот за тешка конфекција постоела најмалку три години.
„Првин се затвори трикотажата, па ткајачницата, и на крајот остана конфекцијата. Волницата одамна не се користи, неа не ја користи веќе ниту Армијата, ниту никој не ја бара. Затоа, оваа идеја за затворање зрееше одамна, бидејќи одржувањето на погонот нема економска логика. И бројот на вработените постепено се намалуваше преку пензионирање“, вели Беличанец.
И тој нагласува дела компанијата долго не делела дивиденда, бидејќи биле покривани загубите на погонот, од другите профитабилни дејности.
На прашањето на Фактор зошто ги продал акциите, Беличанец вели дека тоа го направил од проста причина што му биле потребни средства.
„Едноставно ми требаа пари. Затоа, кога акциите се продаваа по цена од 2.600 денари за акција, јас ги продадов по цеа од 2.250 денари, преку блок трансакција, бидејќи сакав одеднаш да ги добијам средствата, а не да ги продавам акциите парче по парче. Тоа едноставно беше чиста коинциденција“, вели Беличанец.
А Комисијата за хартии од вредност дополнително ќе го соопшти својот став околу овој случај. Од КХВ за Фактор велат дека тие како регулатор вршат редовни контроли.
„Комисијата врши проактивна супервизија и надзор на пазарот на капитал и тоа секојдневно во реално време преку on-line контрола на БЕСТсистемот, контрола на процесот на утврдување и порамнување на склучените трансакции, како и евентуални забранети дејствија при работа со хартии од вредност, вклучувајќи го и друштвото кое е предмет на ваш интерес. КХВ во рамките на своите надлежности ги презема потребните активности, но во интерес на постапката која е во тек, не смее да објавува било какви информации, стои во одговорот од Комисијата за хартии од вредност.
Инаку Фактор веќе објави дека Тито Беличанец, кој е универзитетски професор, и долгогодишен член на органите на управување на „Тетекс“, ги продаде своите 4.000 акции за сума од 146 илјади евра.
Беличанец сега за Фактор вели дека со продажбата на акциите, тој практично сега нема да ја земе дивидендата што тие ќе ја донесат.
Од „Тетекс“ вчера соопштија дека го затвораат погонот, а денеска генералниот директор Глигорие Гоговски во разговор за Фактор рече дека компанијата ќе продолжи со работа. Генерално другите дејности во континуитет носеле поголеми приходи.
Н.Н.Ф.
