Белчева-Андреевска: Поднесов оставка откако не бев вклучена во онлајн-состаноците
Јана Белчева-Андреевска, која вчера објави дека поднела оставка како претседател на Советот на Општина Центар, денеска во интервју за „Призма“ вели дека чашата ја прелило тоа што не била вклучена во новата платформа на онлајн-состаноците со останатите членови.
Советничката на Центар на локалните избори се најде на кандидатската листа на СДСМ од редовите на организацијата „Здравје пред профит во Центар“, која се бори против градежната експанзија во општината, особено во Дебар Маало.
„Дванаесет такви прашања сакав да ми бидат одговорени бидејќи сметав дека тоа им го должиме на граѓаните. Крајно ми е нејасно советот да не сака да се информира за тоа, бидејќи јас не ги барам тие одговори за нешто приватно, не се однесуваат на мене, ниту имам некаков интерес. Тоа се проблеми што ги алармираат граѓаните. Некои од нив се претставки потпишани од десетици или повеќе луѓе, жалејќи се за дивоградби, за узурпација на простор, за случување во нивното непосредно место на живеење, со што им е нарушен мирот и спокојот. Поради тоа и сметав дека и советот треба да биде запознаен, но ете советот сам бара да не ги добие овие информации“, вели Белчева-Адреевска за „Призма“.
Таа вели дека се залагала за понепосредно управување со поголема транспарентност и граѓанско учество, а градоначалникот и „интересната група околу него“ сакале општинската управа и администрацијата да ја задржи контролата врз донесувањето одлуки и не биле прифаќани нејзините иницијативи, како и поради тоа, како што вели таа, што постојат системски проблеми во комуникацијата помеѓу секторите.
Смета дека општината нема јасна визија за уредување на просторот на начин што ќе овозможи поквалитетно живеење, а во прилог на тоа е годинешниот буџет во кој општината одвоила само еден процент за урбанистичко планирање, а планира 50 проценти од парите што ќе ги троши да ги собере од надоместоци што се плаќаат за градење и уредување на земјиште.
