БЕКТЕШИ: Имало поголемо количество на вода и пепел во вратените цистерни со мазут
„Се сублимираат сите извештаи. Утре, а најдоцна до среда ќе излеземе со вицепремиерот и ќе ги објавиме сите детали за увозот на мазут“, изјави денес на прес-конференција, Крешник Бектеши.
Тој наведе дека веќе неколку цистерни се вратени, затоа што при контролата на акредитираната лабораторија, откриено е поголемо количество на вода и пепел во мазутот.
Според него, Државниот пазарен инспекторат ќе достави информација до РКЕ, која понатаму ќе одлучи дали ќе има прекршочни казни или одземање на лиценцата на овие компании.
Имињата на компаниите кај кои ќе се утврдат неправилности при увозот на мазут ќе бидат јавно објавени откако ќе завршат сите процедури. Утре или најдоцна до среда ќе бидат објавени и наодите од анализите што ги прават надлежните институции.
„Не криеме ништо, ќе објавиме се на транспарентен начин имајќи предвид дека утре одминува рокот за сите институции да ги достават информациите“, нагласи Бектеши.
„Според моите информации, Државниот пазарен инспекторат доставил информација до Регулаторната комисија и согласно нивните правилници, секако РКЕ ќе одлучи дали ќе има прекршочни казни или ќе им бидат одземени лиценците. Во случај кога одредени компании не ги исполниле очекувањата согласно правилникот, и во делот на залихите и во делот на квалитетот, секако тоа е основ за одземање на лиценца“, рече Бектеши.
За тоа кој ќе понесе одговорност, Бектеши рече дека Министерството за економија има одговорност само во однос подзаконските акти, но не и во делот на спроведување и вршење контрола.
„Она што можам да го кажам е дека Правилникот во делот на квалитет на течните горива е целосно усогласен со барањата на Европската енергетска заедница. Во делот на спроведувањето и вршење контрола не е надлежно Министерството за економија. Има други надлежни институции кои директно одговараат пред Владата, но ние како одговорно Министерство секојдневно имаме состаноци со цел да дојдеме до наоди каде имало пропусти. Сите информации кои ќе дотавиме до надлежните институции. Министерството за економија не е јавно обвинителство“, рече Бектеши.
