Бекирова: Жените од помладите генерации кои се жртви на насилство се ослободени од традиционалните притисоци и охрабрени да зборуваат
Психологот и семеен советник Наташа Бекирова вели дека младите жените се поотворени да зборуваат за своите проблеми и да бараат помош во случај на семејно насилство.

Објаснува дека тие се ослободени од традиционалните притисоци. Додава дека Женскиот центар за поддршка од Битола функционира веќе пет месеци и можат да зборуваат за вистинска помош и поддршка за жртвите, затоа што во краток период направиле околу 40-тина интервенции, односно им помогнале на повеќе од 30 семејства.
„Најчесто жртвите бараат психолошка помош и поддршка и правно советување од адвокат. Особено значење за нас има фактот што нашата мисија се шири и надвор од Битола, односно сме им помогнале на неколку жени и деца од Охрид, Демир Хисар, неколку битолски села. Жените бараат помош поради психолошко насилство, љубомора, омаловажување, ограничување, навреди, удирање. Многу често жените бараат излез од семејни средини каде постои алкохолизам или коцкање како порок. Мајките, неретко се обраќаат и за помош за своите деца, се советуваат на кој начин тие да пристапат кон своите деца, но бараат и децата да бидат третирани од психолог поради изложеноста на трауматични семејни настани. Женскиот центар за поддршка се наоѓа на приземје во новиот старски дом Софија, во безбедна и пријатна средина каде жртвите можат да се обратат за пожош. За уште побрза услуга може да се јават и на телефонскиот број 075 393 626 каде ќе бидат насочени во зависност од потребите за помош кои ги имаат“, вели психологот.
Функционирањето на овој центар е помогнато од локалната самоуправа.
„Мораме да упатиме голема благодарност до Општина Битола која одвои средства од буџетот за да функционира овој центар, кој е многу значаен за цел пелагониски регион. Благодарение на Општината и на Националната мрежа за семејно насилство која го води работењето на центарот, жртвите кои се обраќаат до нас може да добијат услуга од психолог, социјален работник, адвокат и кариерен советник. Тоа значи севкупна поддршка на жртвата од психолошка поддршка и охрабрување, давање насоки во однос на законските права, до институционално помаѓање при стекнување на социјални права па и кариерно советување, помош при финансиско зајакнување што е исклучително многу важно за напуштање на насилната средина“, додава Бекирова.
Материјалната несигурност е сериозен проблем за жените жртви на насилство.
„Дел од жените се вработени, но платата не им е доволно висока за да обезбедат месечна кирија, режиски трошоци, храна освен за себеси неретко и за едно или две дечиња. Кариерниот советник им помага и ги насочува, доколку е можно да се доедуцираат, да напредуваат на постоечкото работно место, професионално да се надградат со цел да добијат работни места со повисоки примања. На невработените, кои сепак се помалку им овозможува потрага по соодветно работно место“, рече Бекирова.
Претходните години, невладините организации соопштуваа дека во 90 отсто од случаите на семејно насилство, жртвите се жени. Сепак, бројот на случаи на семејно насилство кои никој не ги пријавува е голем. И на светско ниво, бројките се поразителни затоа што секоја трета жена била жртва на некаква форма на насилство во домот.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/ilona.shorokhova
