Бејли: Кокино е „невидливо“ за посетители
Амбасадорот на САД, Џес Бејли, во своето излагање за тоа како културата да привлече публика подвлече дека Македонија има многу нешта што може да ги понуди во културниот простор, кои воопшто не се истражени. Некогаш бенефитот се стекнува и од еден знак поставен на патека на локалитет, посочувајќи на примерот со Кокино, каде минатата година беа поставени насоки и знаци за движење на посетителите.
- На пример Кокино е тешка локација за да се разбере, од неолитот е, и без знаците изгледа само како куп од карпи. Преубаво место кое без знаци не значи ништо. Едно мало знакче, една добро направена патека и веќе имате дестинација која објаснува една фасцинантна локација. Тоа не бара голема инвестиција, но бара мислење и планирање, додаде амбасадорот на САД.
Во поздравното обраќање Бејли кажа и дека една од силите на САД е тоа што нема Министерство за култура, но има многу организации посветени на уметноста и културата, владини агенции кои имаат конкретни улоги во остварувањето на културата.
- Тоа е важна разлика, затоа што ние не ја гледаме културата како нешто што владата би требало да се занимава и таа идеја е вметната во нашиот целокупен пристап кон дејноста на културата. И покрај тоа што немаме Министерство за култура, таа е многу развиена, зашто институциите од уметноста и културата го подобруваат општествениот живот и економските перформанси. Еден музеј или концертна сала, на пример, се меѓу најпрепознатливите места што луѓето ги посетуваат, рече амбасадорот Бејли.
Министерот за култура Асаф Адеми, кому ова му беше прв официјален настан, истакна дека приоритет на Министерството е вклучување и подобрување на соработката на национално ниво во областа на културата.
