Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бејли: Добро е што Македонија има разговори со Грција и со другите земји

Бејли: Добро е што Македонија има разговори со Грција и со другите земји

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли денеска изјави дека поддржуваат заеднички прифатливо решение за прашањето за името, додавајќи дека тој не може да каже кое е тоа решение.

Според него, добро е што Македонија има разговори со Грција и со другите земји во соседството. 

„САД отсекогаш ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија на нејзиниот пат кон НАТО и ЕУ“ - вели Бејли.

Амбасадорот додава дека реформите во правосудството и во другите области се многу важни.

„Допрва треба да зборуваме со новата Влада како и со членовите на целото општество и со опозицијата за чекорите што ќе ги преземеме. Затоа што овој процес го вклучува целото општество и целата држава и тоа е нешто за кое целата земја ќе треба да се обедини за да го постигне“ - изјави Бејли. 

Амбасадорот вчера со шефот на дипломатијата, Никола Димитров зборувал за начините за натамошно унапредување на билатералните односи помеѓу Република Македонија и САД, нагласувајќи ја заедничката заложба за продлабочување на соработката во сите домени од заемен интерес.

Инаку, премиерот Зоран Заев изјави дека со грчкиот колега, Алексис Ципрас разговарале телефонски за повеќе теми, меѓу кои и за спорот со името. 

Слично

Поврзани вести