Бегството на Груевски го осуди уште еден негов близок соработник
Владимир Пешевски, како близок соработник на Никола Груевски од претходната власт го осуди неговото бегство во Унгарија непосредно пред да се јави на отслужување на затворската казна за случајот „Тенк“.
Поранешниот вицепремиер истакна дека ваквиот чин на Груевски ги ставил во многу неблагодарна ситуација сите останати кои се обвинети преку прислушкуваните материјали на СЈО.
„Длабоко сум разочаран и вознемирен од овој чин кој е за најостра осуда и од кој што целосно се оградувам. Ова сериозно ги подрива сите напори и иницијативи што во моментот се водат во насока на национално помирување на повеќе нивоа. Кон сите што учествуваме во овие процеси, апелирам да продолжиме со она што и е навистина потребно на нацијата. Иако е тоа тешко, апелирам гневот од овој чин да не се насочува кон другите луѓе кои што се опфатени во други судски предмети и истраги. Верувам дека правдата на крај сепак ќе го стигне секого“, вели Пешевски за ТВ 21.
Владимир Пешевски е обвинет во случајот „Траекторија“ на СЈО.
