Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бегалските маки заглавени во политичка битка

Бегалските маки заглавени во политичка битка

Темата за бегалците ја вжешти атмосферата помеѓу партиите, граѓаните и на социјалните мрежи. Веќе неколку дена граѓанската иницијатива “Будење” собира потписи низ повеќе градови и бара реферндум за Националната стратегија за бегалци на Владата. Додека опозицијата силно ја брани тезата против бегалците, дел од невладините кои работат на оваа проблематика бараат прашањето со бегалците, нивнте маки, лоша судбина и патешествија да не се користат за прибирање  на политички поени во предизборие.

Собирањето на потписи  за да се иницира до Советите на општините да се иницира референдум за Националната стратегија за интегрирање бегалци и мигранти е јасна предизборна кампања на ДПМНЕ која има за цел дефокусирање на јавноста и на нивните членови од вистинските политички и економски проблеми во државава- вели  за Фактор, Јасмин Реџепи од невладината Легис. Иницирање на проблем  со бегалците  во предизборието Реџепи го оценува како низок и неморален чин  кој создава  голема ксенофобија, исламофобија и албанофобија кај граѓаните. Дополнително вели дека  иницијативите  на социјалните мрежи се полни со говор на омраза, а веќе  резултираат  и со злосторство од омраза што ги покажа последниот напад на новинарската екипа на ТВ Нова.

„МВР и ЈО треба да преземат итни мерки кон иницијаторите и сторителите и да спречат внатрешна дестабилизација на земјава. И покрај заканите кои ни пристигнуваат на социјалните мрежи, ние нема да се откажеме од одбраната на вистината и на правата на бегалците”- потенцира Реџепи.

Дополнително опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со остра реторика против власта и како што ја оцени  контроверзната стратегија за мигранти и бегалци поради која  побараа интерпелација од министерката за труд и социјала Мила Царовска.  Во неколку градови со денови граѓанската иницијатива “Будење” собира потписи за локален референдум по прашањето на Владината стратегија.

„Вистината го говори спротивното. Ако се толку загрижени и уплашени, зошто не реагирале кога нивниот министер го потпишал изготвувањето на истата, а нивен кадар во МТСП е потпишан во истата? Поранешниот министер за труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски, на 5 јули 2012 се обратил до општина Сарај со барање за согласност за користење градежна парцела за изградба на станови за сместување бегалци и социјално загрозени лица. Ако некого повикуваат на одговорност, тоа треба да бидат нивните функционери. Македонија не била интерес на бегалците ни тогаш кога поминаа еден милион бегалци, а камоли сега кога се на се немаме повеќе од 40 бегалци на наша територија. Трет многу битен дел е дека планираниот буџет е од донации, а не од буџетот на Владата, па со тоа нема основа ништо од обвиненијата“- додава Реџепи.

И да се случи нов бран на бегалци според него Македонија повторно ќе биде транзитна земја, за што како што вели сме  доволно искусни и подготвени.

„Ако евентуално има нов бегалски бран што е многу тешко изводливо во ова време, Македонија повторно ќе биде транзитна земја, за што сме доволно искусни и подготвени.Во моментов во двата бегалски центри има 21 бегалец, од кои 5 малолетници, а во Скопје има 7 баратели на азил. Се поретки се ирегуларните преминувања со криумчари, а секојдневно се забележуваат депортации на бегалци од Србија кон Македонија кои продолжуваат кон Грција. Бегалците се жртви на тероризам во нивните земји.Никој не бега од арно, судбината на бегалците да не се користи за политички цели“-вели претседателот на Легис.

Според последната анкета на Галуп  Македонија е меѓу земјите  кои најмалку сакаат мигранти во друштво со  Црна Гора и Унгарија, Повеќето земји, кои се меѓу десетте најлошо рангирани, се наоѓаат на „балканската рута” по која минуваа мигрантите на патот од Грција кон Германија.Според истражувањето, Македонија на листата се наоѓа на последното, 138 место. Лидерот  на ГРОМ Стевчо Јакимовски прстот за мигрантската криза  го впери кон Америка и Русија кои ги нарече фашизоидни држави.

Во меѓувреме, додека тензиите меѓу Анкара и Берлин се зголемуваат, по жестокиот одговор на Германија на повикот на Ердоган до Турците во Германија да гласаат против Меркел, бран бегалци повторно почнаа да се појавуваат по грчките брегови. Според грчки медиуми, само последниве шест дена регистрирани се повеќе од 1.200 бегалци и мигранти од Турција. Грчкото Министерството за рурален развој размислува за проект за концесија на земјиште за 1.000 до 1.500 бегалци.

С.Б.

Слично

Поврзани вести