Беџети: Кривичната пријава е политички притисок, нема да се повлечам
Поранешниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, реагираше по кривичната пријава што Министерството за внатрешни работи ја поднесе против него и уште едно лице, оценувајќи дека станува збор за политички мотивирана постапка.
– Вчера Мицкоски имал „чувство“ дека ќе има кривични пријави. Денес МВР го реализира тоа „чувство“. Случајност? Не. Ова е чист политички притисок – изјави Беџети.
Тој посочи дека кога најавите за кривични постапки доаѓаат од политиката, а потоа се реализираат од институциите, тоа отвора сериозни прашања за нивната независност.
– Но нека им биде јасно: јас не запирам. Не се уценувам. Не се повлекувам – рече Беџети, додавајќи дека ваквите потези, според него, се обид за замолчување на политички неистомисленици.
Претходно, од МВР информираа дека поднеле кривична пријава против Б.Б. (49) и З.Д. (61) од Скопје, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според полицијата, З.Д. како службено лице во Град Скопје овозможил правен субјект од Сарај да стекне противправна имотна корист од 3.224.064 денари, иако немал надлежност да издава решение за режим на сообраќај.
Воедно, Беџети како тогашен градоначалник на Општина Сарај, во два наврати донел решенија за режим на сообраќај без соодветен надзор и спротивно на урбанистички план, со што, како што наведува МВР, му овозможил на истиот субјект дополнителна корист од 42.851.205 денари.
И покрај обвинувањата, Беџети порача дека „вистината не запира, само доцни, но доаѓа и победува“.
