Барџиева-Трајковска: Лажниот престиж и сјај одработуваат за нарачателот и по неговото заминување
Нелегални и “фингирани закони“, силна
пропаганда , корупција - единаесет годишното бескрупулозно владеење на партијата ВМРО-ДПМНЕ, за граѓаните претставува чудно време кое ја
обележа поновата историја на независна Македонија. Лажниот престиж и потребата за фасцинирање со лажен сјај останува да
“одработува“ за нарачателот и после неговото ,,заминување,, бидејќи е
најсилната можна пропаганда позната во историјата, која има продолжен ефект на
делување- вели за Фактор, Донка Барџиева - Трајковска, универзитетски професор
и претседателка на Центарот за заштита на културното наследство.
Периодот на единаесетгодишното владеење на партијата ВМРО-ДПМНЕ, според неа за граѓаните претставува чудно време кое ја обележа поновата историја на независна Македонија.Овој период кој како што вели допрва ќе се проучува е испреплетен со контраверзи, потиснати и суспендирани демократски права,узурпирани институции,узурпирана и украдена држава.Она што од оваа кратка историска дистанца може да го забележи е нагласената конспирација во власта, односно партијата, со која се обвиткани сите намери и дејствија кои вели се одвиваа најчесто преку нелегални или “фингирани закони“, силна пропаганда, корупција.
“Симболите на овој начин на владеење се токму зградата на Владата и партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.Од сочуваните примери во историјата на уметноста знаеме дека изгледот на одредена градба и нејзиниот ентериер пред се говорат за карактерот на нарачателот. Претенциозноста на фасадата и пренагласеното украсување на ентериерот со скапи луксузни предмети ја изразува тенденцијата за лажен престиж и потреба за фасцинирање со лажен сјај. Реално сиромашната држава лажно се прикажува како богата,држава во која има благосостојба и стил. Оградувањето со високи огради и ѕидови дополнително го зајакнуваат чувството за важност и моќ на луѓето кои ,,живеат,, внатре. Скапата метална ограда, лажниот блесок на фасадата и ентериерот се трите главни елементи кои ја формираат ударната слика која има за цел уште на прв поглед да фасцинира,никој да не остане рамнодушен. Тоа е најсилната можна пропаганда позната во историјата, која има продолжен ефект на делување. Но, она што е најстрашно е натписот на оваа градба на која пишува Влада на Република Македонија! Таа градба не е приватна сопственост! Изградена е со пари на граѓаните на оваа држава а главната порака која се испраќа е целосната алиенација ,отуѓување на владата од граѓаните и бесрамно трошење на нивните пари за лажен луксуз, создавање на митови за моќ и сила , се со цел создавање и негување поданичка свест”- оценува професорката Барџиева-Трајковска.
Градбите кои според неа буквално ,,никнаа,, во изминатиот период не можат да се наречат архитектонски решенија, а уште помалку автентични архитектонски решенија,како главен предуслов тие да добијат стручен третман.Во ова смисла вели тие се само продукт на идеата за криминално прикривање на поразителната реалност во која живеевме.
“Овие градби не се продукт на развој на архитектонската и урбанистичка мисла, или автентичната ликовна креација, туку просто “декорирање“, “рекреирање“ и поставување на лажни кулиси во смисла на трајни пропагандни билборди. Криминалната позадина на овие градби ги сместува во најнизок ранг на кич,затоа што по правило беззаконикот нема време да се самоизградува и да се движи кон возвишени цели”- додава професорката.
Со создавањето на ,, луксуз кој не е лукзуз,, како што вели се мултиплицираше лажната слика дека живееме во богата држава. Во ова според неа смислено сценарио не случајно сите овие градби се поставени како кулиси во централното градско подрачје кои кулиси им се потребни за дополнително да го зајакнат чувството за моќ на владетелот кој се грижи за своите поданици и им ја ,,разубавува,, метрополата.
“ За среќа,по објавувањето на т.н.бомби почна да се наѕира криминалот кој бил скриен зад нив. Од било која влада се очекува домаќинско трошење на парите кои и се дадени на располагање.Мислам дека после ова лоша искуство и формираната граѓанска свест,ниту една идна влада нема да помисли парите на граѓаните да ги троши конспиративно и без слух за нивните потреби.На крајот, не може, а да не се укаже на неверојатната дрскост и бесчуствителност на претходната влада кон сиромашните граѓани кои принудно и покрај сиромаштијата треба да се задолжуваат и уште понапорно да работат за да се раздолжуваат”- оценува Барџиева-Трајковска.
Поранешната Влада како што вели направи огромни штети во културата во целина, но сепак најголема и непоправлива е штетата која е направена на културното наследство.
“Во изминатите години како и во другите дејности партијата ја окупира и културата за да и служи, па во оваа смисла и бројот на ,,културни производи,, е партиски обоен и фингиран .На полето на современото творештво или т.н. жива култура точно е дека се појавуваат бројки во последните десет години, но тие се скоро празни по квалитет.Оваа празнина е надоместлива со промена на културната политика.Сосема поинаква е сликата со културното наследство каде се направени огромни штети кои се ненадоместливи “- вели претседателката на Центарот за заштита на културното наследство.
Партијата на Груевски според професорката по историја на уметност и археологија досега си ја консултираше “својата“ стручна фела со партиски предзнак и дел од оваа стручна фела сесрдно го помагаше обидот за создавање на ново партиско наследство.
“Еден друг дел на лукративни експерти за ,,сите времиња,, ги понудија своите услуги во директното разнебитување и уништување на највредното културно наследство.На нив им припаѓа ,,заслугата,, за уништувањето на Охрид, Плаошник/Имарет, Скопско Кале, Скупи. Траен белег на претходната влада во оваа дејност ќе бидат опустошените и рекреирани археолошки локалитети ,запуштени или целосно пропаднати сакрални објекти,руинирани институции,ограбени музејски збирки...и обид за создавање на ново партиско наследство” – потенцира професорката.
Според првите чекори на новата Влада, очигледно е вели дека ситуацијата темелно се менува.Наспроти бројките и проектите , кај новата влада на сите нивоа таа гледа дека се пројавуваат системски решенија кои треба да доведат до создавање на независни институции, спремни да функционираат самостојно, како вистински државен апарат.
“Неспорен факт е дека има штети кои нема да можат да се поправат и тоа на сите треба да ни биде јасно.Пред се, тука мислам на изгубеното време кое не може да се надокнади.Но, има и една битна,суштинска корист во сета штета која е нанесена од претходната власт.Тоа се граѓаните кои го издржаа сиот товар и станаа подобри! Токму тука лежи идниот потенцијал на нашата држава. А,она што може да се поправи ќе оди преку јавните обвинителства” - порачува претседателката на Центарот за заштита на културното наследство.
С.Б.