БАРАЊАТА ЌЕ СЕ ОДОБРУВААТ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ: На државен трошок отсега ќе може да се направат шест ин витро оплодувања
На државен трошок отсега ќе може да се направат шест ин витро оплодувања, наместо три како што беше досега. Ова денеска го најави директорот за Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски. Се работи за повеќе измени на Закон за здравствена заштита на населението кои на 10 јули беа донесени во Собранието.
„Првата измена е дека Биопотмогнатото оплодување (БПО), или популарно наречено ин витро, станува составен дел од основниот пакет за здравствена заштита. Се зголемува бројот на обиди на шест од постоечките три. Третата измена е дека се ослободуваат од партиципација за ин витро третмани, повторувам, овие третмани се бесплатни. Направени се и неколку измени во Фондот, го скративме периодот на чекање за одобрување на документи од три месеци на две недели. Тоа е важно скратување, имаме двапати неделно комисија која ќе прави одобрувања на барањата за БПО. Втората работа е намалување на администрацијата и воведување на дигитализацијата, комуникацијата со барателите е дигитализирана и ваучерот отсега ќе го добиваат дигитално. Досега го добиваа преку пошта и се случуваше да се изгуби“, кажа Клековски.
Лани имало 1.495 барања за ин витро, а во осумте центри во земјава каде е тоа достапно реализирани се 1.108 интервенции и тие се во најголем дел за прво дете.
