„Бараме независна истрага и кривична одговорност од сите полицајци и службениците во Центарот за социјални работи“: Каранфилова Пановска за убиството во Велес
Фемицидот стана дел од Кривичниот законик како кривично дело, кое што точно одредува што и како треба да се прави за да тоа не се случува. Родово-базираното насилство беше третирано и од аспект на тоа како да се обезбеди заштита на жртвите и преку Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и преку шелтер-центри. Сè што денеска гледаме дека не се случува, нема еден денар во Министерството кој што е наменет за шелтер-центрите. Ова го посочи заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска во телевизиско гостување.
Според неа двојното убиството во Велес е уште еден во низата трагични случаи во изминативе 15 месеци, кои се доказ дека институциите на ВМРО-ДПМНЕ не успеваат да се справат со ситуацијата, не успеваат да го стават системот во функција да тој може да превенира и да ги штити граѓаните и за тоа мора да има одговорност Поради ова, Каранфилова-Пановска истанка дека остануваат на барањето на СДСМ за политичка одговорност на министерот за внатрешни работи Тошковски.
- Некој неработењето на институциите го платил со живот. Бараме политичка одговорност од министерот за внатрешни работи Тошковски затоа што во низа во изминативе шест, седум месеци се редат настани во кои МВР е одговорно. ВМРО-ДПМНЕ покажува тенденција да ги игнорира проблемите, да ги става под тепих, да се труди да ги покрие со некакви други измислени политички манипулации - рече Каранфилова-Пановска.
Во однос на убиството на младата девојка од Велес, Каранфилова-Пановска посочи дека Центарот за социјални работи и Подрачната единица на МВР во Велес имаат обврска да прават анализа и да предвидуваат ризици, ако веќе било познато дека жртвата неколку пати пријавувала насилство.
- Трагичниот настан со фемицидот во Велес и практично двојното убиство покажува една историја на насилство кое не било санкционирано од институциите. Подрачната единица на МВР во Велес, со оглед на тоа дека жртвата повеќепати пријавувала дека е жртва на насилство од нејзиниот поранешен партнер, не презела сериозни мерки, за да истото го спречи.
Затоа бараме политичка одговорност од министерот Тошковски, бараме независна истрага и кривична одговорност од сите полициски службеници и сите други службеници во Центарот за социјални работи кои што заради непостапување довеле до тоа младата девојка да биде брутално убиена иако за тоа имало сигнали - рече Каранфилова-Пановска.
Фото: Притнскрин/Фејсбук/СДСМ
Слично
