„БАРАМ РЕШЕНИЕ СЕГА И ВЕДНАШ“: Стефковски со остра порака 'институциите кои молчат ќе се соочат со гневот и незадоволството на граѓаните'
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, преку својот профил на Фејсбук се обрати до граѓаните по однос на проблемот со недостатокот на вода за пиење.
Како што пишува Стефковски, населените места Црешево, Смилковци, Маџари, Железара, Автокоманда и Ченто се оставени без вода за пиење.
- Изминатите денови сме сведоци на крајно загрижувачка состојба во повеќе населени места: Црешево, Смилковци, Ченто, Автокоманда, Железара и Маџари. Овие населби се оставени без основна човекова потреба – вода за пиење.Во услови на екстремно високи температури, ваквата состојба е не само недозволива, туку и срамна. Недостатокот на вода претставува директна закана по здравјето и достоинството на нашите сограѓани. Причината е јасна – нема доволни количини на вода, а решението лежи во рацете на ЈП Водовод и канализација и Град Скопје.
Ги потсетувам овие институции дека не постојат за сами себе, туку за граѓаните. Како градоначалник, избран од народот, им порачувам: проблемите на граѓаните се и мои проблеми.
Затоа денес, јавно и јасно упатувам апел за ИТНО постапување. Бараме итна интервенција и решение! Доколку оваа состојба не се реши веднаш, ќе го поддржам народот во превземањето на сите демократски методи. Ќе излеземе на улица - напиша Стефковски.
Тој дополни дека „институциите кои молчат ќе се соочат со гневот и незадоволството на граѓаните. Нема да дозволам никој да биде оставен без вода во 21 век, во главниот град на Македонија!“
- Ова не е политичко прашање – ова е прашање на живот. Граѓаните заслужуваат почит, а не игноранција.
Што се однесува до населеното место Булачани, причината за недостатокот на вода за пиење се несовесни граѓани. Во ова населено место ЈКП Гази Баба заедно со инспекцијата ќе спроведе теренски контроли и ќе ги санкционира сите оние кои во вечерните часови несовесно користат големи количини на вода. Гласот на народот ќе се слушне. БАРАМ решение СЕГА и ВЕДНАШ - потенцираше на крајот од објавата.
Слично
