БАРАЛ 16.000 ЕВРА МИТО, ПА НАМАЛИЛ НА 13.000 ЕВРА: Oбвинителството бара притвор за уапсениот раководител од Општина Маврово-Ростуше
Поведена е истрага, а има и предлог за притвор за едно лице.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство загонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од полицијата донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице.
„Лицето како раководно службено лице од почетокот на годинава во повеќе наврати директно побарал и примил поголема имотна корист за себе и за трети лица за да извршат службено дејствие што морале да го извршат. Осомничениот во два наврати директно побарал од подносителот на барањето паричен износ од 16.000 евра, а потоа износот во понатамошните средби со оштетениот го намалил на 13.000 евра, за да тој и комисијата што одлучувала во управна постапка по барањето за издавање на урбанистички проект постапат по барањето на оштетениот. Дел од парите наводно биле за другите службеници вклучени во управната постапка за да одлучат во побрз рок. Со оглед дека било договорено парите етапно да бидат исплаќани како што ќе се одвива управната постапка, осомничениот за првото дејствие побарал износ од 4.400 евра“, велат од ОЈО.
Оштетениот вчеравечер му дал 2.000 евра, кои осомничениот ги примил и полициските службеници го фатиле.
„Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје предложи истата да му биде определена на осомничениот во траење од 30 дена“, додаваат од ОЈО.
Станува збор за раководител на секторот за урбанизам во Општина Маврово-Ростуше.
foto freepik.com
