Банките во Македонија со рекордно ниски лоши кредити, но Народна банка предупредува на скриени ризици
Квалитетот на кредитното портфолио на македонските банки во 2025 година бележи значително подобрување, при што учеството на нефункционалните кредити се сведе на историски минимум од околу 2 отсто, покажува последниот годишен извештај на Народната банка доставен до пратениците.
Според него, падот е резултат на намалениот обем на лоши кредити кај компаниите и домаќинствата, како и на зголемената кредитна активност и наплатата на проблематичните побарувања.
Кај корпоративниот сектор, стапката на нефункционални кредити се намали до 2 проценти, при што индустријата има најголем придонес за подобрувањето. Кај домаќинствата, нивото на лоши кредити е намалено на 2,2 отсто, главно како резултат на стабилизирање по регулаторните промени од 2024 година. Истовремено, банките ја зголемиле покриеноста на овие кредити со исправка на вредноста, што дополнително ги намалува ризиците за стабилноста на системот.
Сепак, Народната банка укажува дека дел од кредитите, како што се реструктурираните и пролонгираните, бараат внимателно следење. Иако нивното учество во вкупното кредитно портфолио останува ниско – реструктурираните кредити сочинуваат околу 1,3 проценти од вкупните, а пролонгираните околу 4отсто – тие може да претставуваат потенцијален извор на идни проблеми доколку не ги исполнат очекуваните ефекти.
- Реструктурираните кредити претставуваат сегмент од кредитното портфолио што бара внимателно следење, бидејќи доколку реструктурирањето не ги исполни очекуваните цели за олеснување на кредитниот товар на клиентите, можат да прераснат во извор на нови нефункционални кредити - се посочува во извештајот.
Во 2025 година е забележан раст на реструктурираните кредити, особено кај нефинансиските друштва кои учествуваат со над 94 проценти во нивната структура. Истовремено, пролонгираните кредити се зголемиле за 19,2 отсто на годишно ниво, што укажува на зголемена потреба од прилагодување на кредитните услови, иако ризикот од нив засега се оценува како ограничен.
Дополнително, анализите покажуваат и зголемено пренасочување на кредитите кон повисоки ризични категории, иако преминот кон нефункционален статус е намален. Ова укажува на постепено зголемување на ризиците, но без значајно нарушување на квалитетот на портфолиото.
- Во 2025 година забрзува растот на пролонгираните кредити, коишто исто така може да бидат потенцијален извор на ризик, иако најчесто тоа се врши заради обновување на кредитите или за усогласување на рочноста со рамката за одреден деловен потфат. Евентуалните ризици од овие кредити се ограничени заради нивната ниска застапеност во вкупното кредитно портфолио на банките (само 4% на крајот на 2025 година) - се појаснува во извештајот.
Стрес-тестовите спроведени од Народната банка покажуваат дека банкарскиот систем останува стабилен и отпорен дури и при посериозни негативни сценарија. Сепак, во услови на геополитичка неизвесност и трговски тензии, регулаторот апелира банките да бидат повнимателни при проценката на кредитниот ризик и управувањето со потенцијалните загуби.
И покрај позитивните трендови, Народната банка нагласува дека ризиците не се исчезнати, туку се пренасочуваат во други сегменти, што бара континуирано внимателно следење на кредитната активност и навремено реагирање за зачувување на финансиската стабилност.
П.О.