Економија, финансии, бизнис

Контакт

БАНКИТЕ „РАСПРОДАВААТ“ ДЕЛОВНИ ОБЈЕКТИ – бензинска пумпа, казино, фабрика за плочи, но и бројни дуќани низ земјава

БАНКИТЕ „РАСПРОДАВААТ“ ДЕЛОВНИ ОБЈЕКТИ – бензинска пумпа, казино, фабрика за плочи, но и бројни дуќани низ земјава

Дуќани во Градскиот трговски центар во Скопје, дуќани низ повеќе градови во Македонија, но и други типови на деловни објекти, како некогашни фарми, бензинска пумпа, сала за свадби или пак делови од машински работилници.... Ова се само дел од бројните деловни објекти кои се нудат на продажба од страна на домашните комерцијални банки.

Деловниот имот кој го продаваат банките е објавен на нивните веб страни, и најчесто станува збор за различни типови на градби во кои некогаш се вршела дејност, но сега се трага по нови сопственици кои ќе им дадат нов живот на објектите.

Еден примамлив имот нуди Халк банка, која продава бензинска пумпа која зафаќа деловни простории на површина од 1.328 метри квадрани и земјиште со површина од 1.646 метри квадратни. За објектот имаат имотен лист, а објектот се наоѓа во место викано Порој, во општина Тетово.

-  Бензиската станица – недвижноста е од армирано бетонска сеизмичка градба. Објектот е изведен со современи градежни материјали со фасада метални плочи. Врската на подрумот, приземјето и катот е со лифт и со бетонски скали. Греење има подно и со радијатори и сопствен извор на топлина. Недвижноста е изградена 2008 година– стои во објавата на нивната веб страна. 

Истата банка продава и дуќан во Гратскиот трговски центар во Скопје, со површина од 18 метри квадратни на прв кат и 72 метри квадратни исто така на прв кат по цена над 226 илјади евра. Дополнително од деловни објекти нудат и деловен простор во Негорци, кој е заедно со куќи, и за нив се бара цена од 37 илјади евра.

Стопанска банка Скопје меѓу бројните објекти нуди и огромен деловен објект кој има неколку внатрешни делови, и тоа аптека, супермаркет, казино, но и апартмани за издавање.

-  Деловен објект на Ул.Маршал Тито, Богданци составен од 3 ката: 1 кат аптека и супермаркет, 2 кат казино, 3 кат апартмани. Вкупна квадратура на објект од 961метри квадратни – стои во објавата на нивната веб страна. (линк)

На листата на имоти кои ги продава Комерцијална банка е деловен објект кој некогаш служел како фабрика за производство на плочки. Зградата во која некогаш се произведувале плочи е сместена во скопско Орешани, но нема имотен лист и зафаќа површина од 1.529 метри квадратни, а за него банката побарува 27.718.330 денари, а повеќе детали на следниов линк.

На продажба имаат и дуќан во Чаирчанка, кој исто така е без имотен лист, но и дуќани во ГТЦ и во скопската населба Ѓорче Петров.

Освен во споменатите понуди, и кај Шпаркасе банка на продажба се повеќе деловни објекти, меѓу кои фирма за метал во Кичево, која нема имотен лист, и чија цена за продажба се уште се дефинира. Нудат и пекара во Охрид, но исто така без имотен лист, како и автосалон во Кочани. (линк)

Пребарувањето по документите за продажба на запленет имот низ банките во земјава покажува дека може да се најдат бројни деловни објекти, некогашни производствени сали, но и недовршени објекти кои биле во план да станат деловна зграда. На долгите листи на банките може да се најдат и продавници, често се забележува дека се продаваат дуќани од ГТЦ во Скопје, но и куќи, станови, земјиште со различна големина.

Банките се одлучуваат да стават имоти на продажба само како крајно решение. Најчесто тоа е резултат на неможноста на сопствениците навреме да ги вратат земените кредити во банката, кои потоа се одземени поради ненаплатени кредити и сега се нудат на продажба.

Недвижностите кои се продаваат од страна на банките во нашата земја според упатените не спаѓаат во имот кој лесно се продава. Се случува дел од објектите да чекаат години додека да добијат нови газди, па имотите стојат на списоците на банките подолг период.

За оние кои сакаат да купат имот или деловен објект по пониска цена, ќе мора да се потрудат во пребарувањето. Секоја банка на својата веб страна има список или листа од недвижнини кои ги продава.

П.О.

Слично

Поврзани вести