Економија, финансии, бизнис

Контакт

БАНКИ, ФИНАНСИСКИ ИНСТИТУЦИИ, НО И ГРАЃАНИ - многумина „загризаа“ за зелените обврзници, ама Финансии издаде само за 10 милиони евра

БАНКИ, ФИНАНСИСКИ ИНСТИТУЦИИ, НО И ГРАЃАНИ - многумина „загризаа“ за зелените обврзници, ама Финансии издаде само за 10 милиони евра

Голем интерес бил пројавен на денешната аукција за најновиот финансиски инструмент на пазарот - зелената обврзница. 

На аукцијата за првата емисија, како што соопштуваат од Министерството за финансии, имало побарувачка за речиси три пати повеќе, односно била доставена понуда во износ од 1,635 милијарди денари или 26,6 милиони евра. На аукцијата биле запишани зелени обврзници во износ од 10 милиони евра.

„Интересот за овој нов финансиски инструмент што го воведовме на пазарот беше навистина голем. На аукцијата беше понуден износ од 1,635 милијарди денари, но како што најавивме, Министерството за финансии, запиша зелени обврзници во износ од 600,020 милиони денари. Интерес имаше од банки, финансиски институции, но и од физички лица. Тоа покажува дека на пазарот за капитал се потребни нови, креативни и иновативни инструменти кои ќе ја збогатат понудата и ќе овозможат на инвеститорите да го прошират своето финансиско портфолио“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Средствата обезбедени од издавањето на оваа прва емисија на зелена обврзница ќе бидат насочени во Фондот за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка од каде компаниите ќе може да добијат средства по поволни услови за своите зелени инвестиции.

Издадените зелени обврзница се со рок на доспевање од 2 години со каматна стапка од 4,75 отсто годишно , односно ќе доспеат на 5 октомври 2025 година, а каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главнината.

Инаку, зелените обврзници се хартии од вредност што ќе се користат за инвестициски проекти за зелен развој. Тие се наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и за финансирање еколошки проекти. Целта е поттикнување и забрзување на инвестициската активност во земјата и забрзување на економскиот раст.

Зелената обврзница на пазарот на хартии од вредност доаѓа по успешното воведување на граѓанската обврзница, за која беше објавена првата емисија во текот на јули 2023 година и за која интересот беше два и пол пати поголем од објавениот износ на проспектот на обврзницата.

Средствата од двата инструмента се поддршка на развојната компоненета на Буџетот за 2023 година.

Дополнително, по издавањето на зелената обврзница во текот на овој месец ќе биде издадена и втората граѓанска обврзница.

Слично

Поврзани вести