БАНКАРИТЕ ПОРАЧУВААТ - сите што имаат потреба од ново одложување на кредитните рати, да се јават кај својата банка
Македонската банкарска асоцијација ги потсетува граѓаните кои имаат потреба од втор период на одложена отплата на кредитните обврски да ПРИСТАПАТ ДО СВОЈАТА БАНКА и да побараат да се вклучат во постапка за одложена отплата.
„Граѓаните треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата по што барањата ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука за која тие ќе бидат известени“, велат од Македонската банкарска асоцијација.
Вториот период на одложена отплата на кредитите на граѓаните погодени од ковид-кризата може да трае до 6 месеци, односно до крајот на март 2021 година.
„Секако, граѓаните при променети, подобрени услови ќе можат да побараат од својата банка да се вратат во статус на редовна отплата и пред истекот на периодот од предложените 6 месеци“, појаснуваат од МБА.
Детални информации деловните банки и штедилници веќе објавуваат на своите интернет-страници а се достапни и на интернет-страницата на Македонска банкарска асоцијација www.mba.mk.
