Балканец тврди дека од занает стекнал богатство: „Како плочкар заработувам и до 20.000 евра неделно“
Во време кога многумина бараат начини да ги зголемат приходите и да пронајдат работа што носи поголема финансиска сигурност, на социјалните мрежи сè почесто се отвораат дискусии за добро платени професии.
Инфлацијата, растот на трошоците за живот и несигурноста на пазарот на труд ги поттикнаа луѓето да размислуваат за нови извори на заработка или дури и за промена на професијата.
На платформи како TikTok, Facebook и Instagram секојдневно се споделуваат искуства за работи кои можат да донесат висока заработка. Една таква приказна последниве денови привлече големо внимание.
Плочкар од Балканот објави видео во кое тврди дека од поставување керамички плочки може да се заработат и до 20.000 евра за една недела работа.
Голема побарувачка за мајстори
Иако многумина овој занает го сметаат за класична градежна работа, тој вели дека побарувачката за добри мајстори е огромна, особено кога станува збор за поголеми проекти или луксузни објекти каде се поставуваат поскапи плочки.
Во видеото се наведува дека цената може да достигне 80 евра по квадратен метар, а ако мајстор поставува околу 40 квадрати дневно, заработката теоретски може да достигне и 20.000 евра неделно, односно околу еден милион евра годишно.
Скептични реакции на интернет
Сепак, во коментарите на социјалните мрежи многумина ја доведоа во прашање оваа пресметка.
Некои корисници пишуваат дека таквите цени се ретки и дека на многу места мајсторите добиваат значително помалку.
„Каде има 80 евра по квадратен метар веднаш би дошол“, „Јас работам керамика пет години и тоа не е така лесно“, беа дел од коментарите.
Занаетите повторно стануваат ценети
И покрај скепсата, оваа приказна повторно ја отвори темата за вредноста на занаетчиските професии.
Во последните години многу мајстори, особено во градежниот сектор, посочуваат дека побарувачката за квалитетни работници постојано расте, додека сè помал број млади се одлучуваат за вакви професии.
Поради тоа, занаети како поставување плочки, електричарски работи или водоинсталатерство сè почесто се споменуваат како работи што можат да обезбедат стабилна и често надпросечна заработка.
Фото: Пиксабеј