БАГЕРОТ КОЈ ЈА КОПАЛ ДУПКАТА ВО СКОПЈЕ БИЛ ЗАТРУПАН СО ЗЕМЈА - за среќа возачот навреме излегол
Багер бил затрупан со земја на свлечиште кое настана денеска во општина Центар при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина багер.
Притоа покрај тоа што бил затрупан багерот, во него бил и работник кој го управувал, но за среќа лицето навреме излегло, информираат од Министерството за внатрешни работи.
- Денеска (25.05.2026) околу 13:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. “Христо Смирненски” при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина багер, ангажиран од фирма-инвеститор, настанало свлечиште на земјата, при што бил затрупан багерот, но лицето кое го управувало навреме излегло, нагласуваат од МВР.
Од свлечиштето оштетени се делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера која оштетила возило „дачија сандеро”, сопственост на Е.М..
Од МВР нагласуваат дека за инцидентот се известени Центарот за управување со кризи, ЕВН и други институции, а на местото на настанот се упатени полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
За свлечиштето претходно на Фејсбук објави групата „Во одбрана на Буњаковец“.
- Свлечиште на спојката на улица „Христо Смирненски“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“ поранешен „Иво Лола Рибар“. Колапс на земјиштето под асфалтот до новото градилиште што работеше и на државен празник. Оштетена е целата инфраструктура - кабли за струја, телекомуникации... Дали се загрозени и коловозите и тротоарите на булеварот и улицата - проценете сами, се наведува во објавата, во која е прикачено и видео од инцидентот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ: ФОТО: Хаос на градилиште во центарот на Скопје, пропадна дел од улицата - падна бандера, оштети возила, граѓаните револтирани