АВТОПАТИ: ред километри, ред обвинувања и 20 години напатени возачи!
Стартуваше изградбата на автопатиштата што ќе се градат со кредит од кинеската Ексим Банка. Удрени се камен темелници на Штип –Миладиновци – чија изградба ќе чини 206 милиони евра и Кичево-Охрид во износ од 375 милиони евра. Ќе ги гради кинеската компанија „Сајнохидро корпорејшн лимитед“.
„Досега изградените автопатишта во државата во изминатите 50 години, чинат помалку од инвестицијата во автопатот Кичево-Охрид, изјави премиерот Никола Груевски на означувањето на стартот на проектот додавајќи дека толкава инвестиција не е вложена од никого, никогаш и во ниту еден автопат во РМ.
СДСМ пак реагираше дека после 8 години ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се сетија на патиштата и тоа токму во предизборниот период.
„За 8 години владеење Груевски изгради само 7,5 километри автопат и толку. Затоа панично фрла лопати за проекти кои се само во историска најава, како што е и денешниот со автопатската делница Кичево-Охрид, реагираше СДСМ, потенцирајќи дека со парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ досега можеа да се изградат 200 километри автопат.
Според договорот со кинеската Ексим Банка освен главниот градежен изведувач, овозможено е да се ангажираат и други кинески фирми, кинески работници, но и да се купуваат кинески стоки, услуги и технологии.
Односно, Кина обезбеди можност да ангажира кинески работници за работа на македонските патишта. Па така од вкупниот број на ангажирани работници 49% може да бидат од Кина, а останатите од Македонија. Исто така 51% од стоките, услугите и технологиите може да бидат исто така од Кина.
Кинескиот изведувач има обврска да ангажира подизведувачи од Македонија чија вредноста на работите треба да изнесува најмалку 49% од вкупната цена на договорите.
За кинескиот изведувач даночни ослободувања
“Прометот на добра и услуги кој е извршен од страна на изведувачот на градежните работи, кон Јавното претпријатие за државни патишта, за цели на изградба на патните делници, е ослободен од данок на додадена вредност“ – се посочува во Договорот.
Ослободувања ќе има и за акциза:
“Доколку изведувачот од член 11 од овој закон, изврши набавката на патнички автомобили или минерални масла, за цели на изградба на патните делници , на барање на изведувачот ќе му се изврши враќање на акцизата, доколку е платена фактурата.
Кинеската компанија ќе биде ослободена од плаќање на увозни давачки, ДДВ и акциза за стоки, услуги и добра наменети за изградба на патничките делници.
Непочитување на договореното може да доведе и до раскинување на договорот. Доколку Македонија е таа што не го почитува договорот, Кина може да го раскине само со писмено известување на адреса на Македонија, без притоа да биде обврзана да праќа понатамошни барања, известувања или други законски формалности од било кој вид“.
А ако не се испочитува договореното ќе следуваат санкции.
“Во случај на измени на закони или владини политики во државата било на Заемопримачот или на Заемодавачот, кои би ги оневозможиле било Заемопримачот или Заемодавачот да ги исполнат своите обврски по Договорот, Заемодавачот ( Кина) може, со писмено известување до Заемопримачот, да ја прекине исплатата на кредитот, и да ги прогласи целосната главница и пресметаната камата и сите други износи за плаќање според Договорот за достасани за плаќање веднаш од страна на Заемопримачот, без понатамошни барања, известувања или други законски формалности од било кој вид“ е наведено во Договорот.
НА ОВОЈ ЛИНК ПОГЛЕДНЕТЕ: Еве кои патишта се изградени во Македонија
Редакција Фактор
Слично
