Економија, финансии, бизнис

Контакт

Автомобили, велосипеди, таксисти на среде коловозна лента: Општина Центар никако да најде решение за хаосот на улицата „Костурски херои“

Автомобили, велосипеди, таксисти на среде коловозна лента: Општина Центар никако да најде решение за хаосот на улицата „Костурски херои“

Додека ја води неформалната кампања за нов мандат во Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски ја заборави улицата „Костурски херои“. Во Центар, веднаш до Универзалната сала, улицата повеќе наликува на некоја маалска уличка на која се паркира кој каде стигне. 

За другата страна на булеварот „Партизански одреди“, улицата „29 ноември“ кај „Силбо“, уште во 2021 година се најде решение со столпчиња на средина на коловозот, а за „Костурски херои“, Општина Центар не може да најде начин да се справи со дивеењето. 

Автомобили, но и велосипеди преку целиот ден се паркирани на коловозна лента, а тротоарите пак, се зафатени со маси од кафулињата, со што практично е оневозможено пешаците да се движат онаму каде што им е загарантирана безбедноста. Освен паркираните автомобили и велосипеди, улицата како место за чекање случајни патници ја користат и таксистите. Тука се и аспираторите од местата на кои се служи храна, а за кои околните жители велат дека испуштаат неподнослива миризба.

Граѓаните кои ги праша Фактор за состојбата се жалат дека со години алармираат во општината, но никој од таму нема слух за нив. 

„Излегов да купам леб. Треба да се движам што по улица, што по тротоар, а некаде морам да излезам и до средина на улицата. И секој ден е вака. Овие што се паркираат на улица имаат паркинг тука, ама сакаат да седат и да пијат кафиња, а да не платат 50, 100 денари за паркинг. Ене им и подолу паркинг места, секаде ги има. Додека Општината не преземе нешто, џабе ние се буниме. Со години се обраќаме до општината, но изгледа дека нема градоначалник што ќе ни ги реши проблемите“, вели еден од жителите. 

Фактор испрати прашања во Општина Центар за тоа кој е планот на градоначалникот Герасимовски за средување на хаосот на оваа прометна улица, но одговор до објавување на текстот не добивме.

Александар Тодески

Слично

Поврзани вести