Австриска и германска компанија во игра-кој ќе ја земе Полошката депонија!?
Две компании се пријавија за концесија за регионалната депонија за комунален цврст отпад во Полошкиот регион. Првата е „Hinkel International GmbH“, Alzey од Германија, а втората „АSА International Environmental Services GmbH Hinberg“ од Австија.
Денеска беа отворени понудите, а избраната компанија ќе добие концесија за финансирање, проектирање, изградба и управување со регионална депонија за комунален цврст отпад во Полошкиот регион.
Според министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми, на овој начин ќе се овозможи приватниот сектор да инвестира во подобрувањето на состојбите со управување со отпадот во овој регион.„Со инвестицијата во затворање на постојната депонија во Русино и изградбата на нова санитарна регионална депонија со придружни објекти за преработка на отпадот ќе се обезбеди граѓаните во овој регион да добијат услуга што е во согласност со европските стандарди и соодветно ќе се заштити животната средина“, изјави Адеми.
