Австрија ќе лобира Македонија да добие датум за преговори
Австрија за време на своето претседавање со Европската унија (ЕУ) ќе ги убедува европските партнери и членките на Советот на ЕУ, земјата побрзо да добие датум за почеток на преговори со Унијата.
Oва го изјави австриската амбасадорка, Ренате Коблер на денешната конференција „Западниот Балкан и евроатлантските вредности-Студија на случај Македонија“.
Во врска со спорот со името со Грција, австриската амбасадорка вели дека решението треба да биде прифатливо за двете земји, а важно е Македонија да продолжи со реформите на кои е фокусирана.
„Мотото на австриското претседавање со ЕУ, кое ќе го преземе од Бугарија на 1 јули, ќе биде „Европа што штити“ а фокусот ќе биде на безбедноста“- додаде австриската амбасадорка.
Во однос на спорот со името, заменик-амбасадорот на Бугарија во Македонија, Даниела Будинова изрази надеж дека ќе се изнајде заеднички прифатливо решение за името со Грција. Бугарија, рече таа го поддржува процесот, но не зазема страна и не врши влијание на ниту една од страните во процесот.
