АВМУ вели дека Управниот суд ја потврдил законитоста за рекламирањето, Левица обвинува за „очигледна политичка дискриминација“
Додека партијата Левица објавува дека ја известиле Европската обединета левица (The Left) во Европскиот парламент дека им е забрането да се рекламираат, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги испрати соопштение со кое информира дека Управниот Суд, на седницата одржана на 6 октомври 2025 година, донел Решение со кое ја отфрлил тужбата на политичката партија Левица за поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, донесено од АВМУ.
„Во образложението на Решението на Управниот суд, меѓу другото е наведено дека Агенцијата „во согласност со своите надлежности како јавен орган донела Упатство со кое го пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од Изборниот законик“. Имено, со донесеното Упатство се појаснува начинот на примена на одредбите од Изборниот законик за распределба на времето за платено политичко рекламирање, распределба на времето во вестите кај Јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и за обезбедување пристапност на содржините за изборниот процес“, велат од АВМУ.
Од Агенцијата велат дека со ова се потврдило дека постапуваат согласно законите.
„Со ова, како и со претходно донесеното Решение на Основниот граѓански суд - со кое како неоснован се одбива предлогот на политичката партија Левица за издавање привремена мерка за забрана на доставување на Упатството до комерцијалните медиуми, како и за доставување на извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање до ДИК - само уште еднаш се потврдува дека Агенцијата постапува согласно законските прописи и професионално ги спроведува законските решенија“, соопштија од АВМУ.
Левица пак, информираше дека ко-претседавачите на европските левичари порачале дека ќе бидат преземени соодветни чекори.
„Ви благодариме што нè информиравте за оваа многу загрижувачка ситуација. Вашите грижи и барања ги проследивме до колегите од нашата група кои ги следат случувањата во Македонија, за да можат подетално да ја разгледаат ситуацијата и да преземат соодветни чекори. Ќе останеме во контакт со вас додека ситуацијата се развива“, им напишале европските левичари на Левица.
Од партијата велат дека домашните институции молчат пред политичката дискриминација.
„Додека домашните институции молчат пред очигледната политичка дискриминација, меѓународните организации и нашите левичарски сојузници покажуваат подготвеност да ја разгледаат оваа неправда и да застанат во одбрана на демократските принципи. Светот ќе дознае за обидите да се замолчи единствениот социјалистички глас во Македонија. Ова претставува важен чекор во разобличувањето на обидите за политичка елиминација на Левица. Преку ограничување на платеното политичко рекламирање, власта и нејзините сателити во медиумските регулатори се обидуваат да ја заглушат критиката и да го задушат плурализмот во јавниот простор. Но, како и секогаш во историјата, цензурата само ја зацврстува решителноста на оние што не се покоруваат“, соопшти Левица.
