Авио-компаниите ги зголемуваат цените на билетите
Неколку големи авио-компании најавија зголемување на цените на авионските билети поради наглиот раст на цената на горивото, предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањата во глобалниот воздушен и поморски сообраќај.
Австралиската авиокомпанија „Квантас ервејс“, скандинавската SAS и „Ер Њу Зиланд“ веќе потврдија дека ги зголемуваат тарифите, посочувајќи дека цените на авио-горивото драматично пораснале.
Според податоците на „Ер Њу Зиланд“, цената на млазното гориво, која пред американско-израелските напади врз Иран изнесувала меѓу 85 и 90 долари за барел, сега достигнува 150 до 200 долари. Поради неизвесноста околу конфликтот, компанијата дури ја суспендирала и финансиската прогноза за 2026 година.
Зголемувањето на цените на нафтата е поврзано со нарушувањата во транспортот низ Ормутскиот теснец, една од најважните светски рути за извоз на нафта. Конфликтот доведе до поскапување на горивото, ограничување на воздушниот простор и раст на трошоците за авиопревозниците.
Портпарол на SAS изјави дека зголемувањето на цените е неопходно за одржување на стабилни операции.
-
Зголемување од вакви размери бара привремено прилагодување на цените за да се одржи сигурен и стабилен авио-сообраќај, изјави портпаролот за „Ројтерс“.
Во меѓувреме, некои компании се обидуваат да се заштитат од ценовните шокови. „Луфтханза“ и „Рајанер“ обезбедиле дел од потребното гориво по фиксни цени, додека финската авиокомпанија „Финеир“ предупреди дека, доколку конфликтот потрае, може да се појават проблеми и со самата достапност на гориво.
„Ер Њу Зиланд“ веќе ги зголеми цените на билетите:
-
за домашни летови за 10 новозеландски долари,
-
за кратки меѓународни летови за 20 долари,
-
а за долги летови за 90 долари, со можност за дополнителни поскапувања доколку цените на горивото продолжат да растат.
Горивото е вториот најголем трошок за авиокомпаниите, веднаш по трошоците за работна сила, и обично учествува со 20 до 25 проценти од оперативните трошоци.
Покрај поскапувањето на горивото, ситуацијата ја комплицира и ограничениот воздушен простор. Пилотите се принудени да ги менуваат рутите за да го избегнат конфликтниот регион, што дополнително ги зголемува трошоците и времетраењето на летовите.
Авиокомпаниите од Блискиот Исток како „Емирати“, „Катар ервејз“ и „Етихад“ имаат голем удел во патничкиот сообраќај меѓу Европа и Азија, па секое нарушување на воздушниот простор може да има сериозно влијание врз глобалната туристичка индустрија.
Курир.рс