АВАНТУРА НА ХОЛАНЃАНИ: Ги мапирале македонските манастири од Истокот за посета
При една посета на бугарскиот град Ќустендил, Макс Смитс и неговата сопруга кои се од Холандија решиле да ја истражат другата страна од границата, односно да допатуваат во Источна Македонија, а за таа цел ги мапирале манастирите кои во овој дел на земјата може да се видат.
Источна Македонија има што да понуди, и не нè разочара, вели Смитс.

„Шетавме на Родопските планини и мислевме што има на другата страна на границата. Тој дел од Македонија за нас беше непозната земја, тогаш зошто да не ја истражиме? Ние ја сакаме историјата, ние ги сакаме пејзажите, ги сакаме луѓето. Ние двајцата ги мапиравме манастирите за да нè водат низ земјата. Имаме три недели за ова патување. Почнавме од манастирот Свети Јоаким Осоговски, а сега на неколку дена сме во Кратово. Ние користиме водичи за да го најдеме нашиот пат, но го следиме „нашиот нос“. Ќе продолжиме во Куклица, Стоби во Велес, одиме во Струмица, Берово, Делчево, Виница“- вели Смитс.

Тој објаснува дека патуваат бавно, а она што сега нема да го видат, го оставаат за некое следно патување.
„Ни треба малку време за да се навикнеме и да се приврземе со местото. Источна Македонија има многу што да понуди, затоа ние дојдовме во ова подрачје“- додава Холанѓанецот.
Раскажува дека веќе биле во Охрид, Прилеп, Битола, и дека има уште многу работи таму да се видат, но во некоја наредна прилика.
Смитс за своето патување објавува детали на блогови каде неговите пријатели, можат да следат на кои места патувале и што посетиле.
Сања Атанасовска