Атиџе Муратова: Кучето на соседите од „Медена земја“ за малку ќе ме убиеше, сакав да си го одземам животот
Атиџе Муратова, ѕвездата од „Медена земја“, во својот последен разговор за „Ал Џезира“ пред одржувањето на свечената Академија за доделување на наградите Оскар вели дека имала тешки моменти во својот живот а еднаш дури и размислувала да си го одземе. Неподносливоста на животот ја почувствувала најмногу кога ја нападнал песот на соседите.
- Беше тешко, но оставив уште потешки работи зад себе. Пред девет години, бев нападната од кучето на соседите. Тоа е куче на семејство прикажано во Медена земја, ми нанесе тешки повреди на лицето и телото и едвај преживеав. Моќта да продолжам да живеам ми ја даде мајка ми за која требаше да се грижам. Таа беше сериозно болна и што би правела без мене? Бев на работ, сакав да си го одземам животот, бев толку повредена, сè ме болеше и добивав силни лекарства. Одев во шталата кај кравите за да плачам таму, не сакав мајка ми да ме види тажна, вели Атиџе во разговорот.
Церемонијата на доделувањето на Оскарите на програмата е в недела кон понеделник, а „Медена земја“ е во конкуренција во две категории - најдобар документарен филм и најдобар интернационален филм.