Економија, финансии, бизнис

Контакт

АТАКУВА НА ПРВОТО СТОЛЧЕ ВО ЦЕНТАР: Кој е приватно Горан Герасимовски, кандидат за градоначалник

АТАКУВА НА ПРВОТО СТОЛЧЕ ВО ЦЕНТАР: Кој е приватно Горан Герасимовски, кандидат за градоначалник

Член е на СДСМ од 18 години и вели дека за социјалдемократските идеали се залага откако памети за себе. Сепак за себе смета дека не  е само политичар, туку пред се, семеен човек кој се трудел со личен труд да подобри нешто во општеството. Политиката, вели, тоа го дозволува на едно повисоко ниво. Горан Герсимовски е претседател на општинската организација на СДСМ во Центар и токму во оваа општина ќе се обиде да ја добие довербата да биде градоначалник. Моментно е директор на Државниот завод за индустриска сопственост и во разговор за Фактор зборува за работата на компаниите од тој аспект.  Сепак прво, зошто политиката е поинтересна од се друго?

Герасимовски: Човек на многу начини може да придонесе во општеството и заедницата во која живее, а јас отсекогаш сум се обидувал тоа да го правам. Чувството кога со личен труд ќе ги подобриш состојбите,па дури и тоа да е во многу мал сегмент од животот на граѓаните, за мене е многу убаво. Политиката е сфера во која имаш можност тоа да го правиш на многу повисоко ниво и со многу поголемо влијание и токму тоа е мојата главна мотивација. Секогаш силно сум верувал во социјалдемократските идеали и токму за нив сум се залагал откако паметам за себе, па оттаму сум член на СДСМ уште од свои 18 години. 

Низ годините во партијата имав можност да работам на многу проекти преку кои ги запознав проблемите и потребите на граѓаните на Општина Центар каде сум претседател, но и да реализирам активности со кои директно сме го подобриле квалитетот на живеењето. Ова продолжува да ме мотивира и инспирира и токму од таа причина поднесов кандидатура во партијата за градоначалник на следните локални избори. 

Центар го познавам многу добро, пораснат сум во Капиштец, а и сега живеам во општината заедно со сопругата и синовите. Со години работев во приватниот сектор и како истражувач на проекти, преку кои собрав многу сознанија за тоа како може да се подобрат условите во мојата општина. Како кандидат, имам конкретен план за подобрување на квалитетот на живот во населбата бидејќи знам што им е потребно на жителите во секое маало. Ги познавам луѓето, нивните потреби и приоритети и како претседател на Општинската организација на СДСМ, сум интегрален дел од тимот кој активно работи на реализација на нивните барања.

 

Пред да одиме на политиката поконкретно, ајде малку приватно, кој е Горан Герасимовски и како ви изгледа еден работен ден, дали спортувате, дали имате хоби и сл.? Кој ви е омилен дел од денот?

Герасимовски: Пред сè би рекол дека сум среќен сопруг и татко на два прекрасни синови. Многу сум поврзан со семејството и мојот живот е секогаш целосно насочен кон нив, а заедничкото поминато време за мене е исклучително важно. Што се однесува до дневната рутина,  мојот ден започнува со качување на Водно во раните утрински часови. Ова почнав да го практикувам пред неколку години и стана можеби најважното време од денот. Градот во тоа време е сè уште тивок, а додека се буди имам време да го испланирам денот и да се подготвам за сè што следи. Потоа вообичаено ги испраќаме синовите во градинка, а сега веќе и училиште, и јас и сопругата заминуваме на работа. Како директор на Државниот завод за индустриска сопственост имам задачи кои варираат во зависност од денот, но најчесто се тесно врзани со интерните процеси или со одржување на партнерските односи со меѓународните тела и институции со кои соработуваме. Сметам дека е многу важно да се одржува внатрешна кохезија и токму затоа инсистирам редовно да одржуваме координативни состаноци со вработените – бидејќи секој од нив е клучна алка во работењето на институцијата. 

Во попладневните часови посветувам време на партиските обврски или пак на дружење со пријателите. Имам широк круг на познаници и пријатели со кои се трудам, колку што ми дозволуваат обврските, да одржувам редовна комуникација. Откако сум претседател на ОО СДСМ во Центар одржуваме редовни средби со граѓани, раководам со тековните состаноци и активности. Со задоволство можам да кажам дека сме една од најактивните и најорганизираните општински организации на партијата.

Навечер доаѓам дома, кадешто со трчање ме дочекуваат двајцата синови. И ова ми е омилен дел од денот. Нивната радост кога ќе влезам низ вратата е најискрената среќа што може човек да ја почувствува. 


Навршува една година како сте директор на ДЗИС, како би го опишале изминатиот период?

Герасимовски: За една година направив значителни позитивни промени кои дадоа видлив резултат за многу кратко време. Во периодот од јануари до јуни го покачивме процентот за заштита на трговски марки за 31 отсто, а поднесени се и повеќе барања за заштита на патенти во споредба со истиот период од минатата година. Ме радува што граѓаните почнаа да ја препознаваат важноста од заштитата на правата од индустриска сопственост. Преку заштитата на правата компаниите не само што градат свој бренд по кој во иднина стануваат препознатливи на пазарот, туку истовремено и го штитат својот капитал. 

Инаку, од самиот почеток на моето работење во ДЗИС се фокусирав на подобрување на внатрешните процеси, но и на интензивна комуникација со јавноста, со компаниите и со други потенцијални корисници на нашите услуги. Паралелно, правиме сериозни напори за дигитализација и поедноставување на услугите – потреба која беше дополнително истакната изминатиот период. На овој начин ќе овозможиме да се скратат и олеснат процедурите и да се зголеми пристапноста на услугите кои ги нудиме.


Поднесовте кандидатура за градоначалник на Центар, дали се гледате себеси како иден градоначалник и што би им понудиле на центарци доколку ја добиете партиската поддршка и влезете во трка за градоначалник?

Герасимовски: Доколку ја добијам честа да бидам на чело на општината, можам да ветам дека новото раководство ќе работи според приоритети кои ги поставуваат самите граѓани. Во програмата која ја доставив до партијата, а која детално ќе ја презентирам доколку сум кандидат, има неколку столбови каде ќе биде поставен фокусот. Мои приоритети ќе бидат чиста животна средина и подобрување на хигиената во општината. Центар е место каде циркулираат огромен број граѓани и возила и мора да има многу добро организиран сектор за јавна хигиена кој тесно и ефикасно ќе соработува со комуналното претпријатие на Град Скопје. Понатаму, подобрување на инфраструктурата од секој аспект со фокус на вело-патеките. Трето, особен проблем се паркинг местата за жителите на општината кои сè почесто се зафатени од возила и еден од приоритетите е да се обезбедат доволно и загарантирани паркинг места за центарци. Во приоритетите е и подобрување на условите во образованието и инфраструктурата, иакоима уште многу да се сработи како би имале квалитетни училишта и услови за најмладите. Фокус ќе ми бидат младите и нивна поддршка и стимулација да напредуваат во секој аспект, без разлика дали е тоа спорт, натпревари по одредени предмети или други таленти; општината е должна да ги препозна и стимулира овие млади луѓе да напредуваат. 


За мене ова е една од носечките улоги и одговорности на локалната самоуправа. За крај, јас цврсто верувам во партиципативно владеење. Веќе не е доволно да зборуваме за транспарентност и отчетност, време е да го преземеме следниот чекор, а тоа е да водиме заедно со граѓаните. За оваа цел ќе воспоставиме ефикасен систем на комуникација и вклучување на граѓаните во одлучувањето. 

Општина Центар го претставува урбаното јадро на Градот Скопје, а со тоа и ја носи одговорноста да биде пример за сите останати локални самоуправи и како иден градоначалник сакам да го постигнам токму ова. 


Слично

Поврзани вести