Астеруд контра Фетаи: Кога ќе созрее емотивно ќе се кандидира за Претседател
Професорката Каролина Ристова Астеруд која е една од најдокажаните феминистки во Македонија реагира на настапот на Фатиме Фетаи на ПичПрич настанот за рамноправност на жените на 8 март под темата „Добив“. Според Астеруд овој комичен и ироничен настап на Специјалната јавна обвинителка е штетен за поведената кауза за враќање на правдата во Македонија со обидот да се стекне популарност.
- Настапот на Фатиме Фетаи на ПричПич ми заличи како гротесктно парафразање на онаа познатата на Трамп: „Ма да почнам да убивам по улица Македонија , вие пак ќе ми ракоплескате, ќе ме обожувате слепо , а богами и за ПРМ ќе ме гласате , секако, кога ќе созреам емотивно, сега уште сум на ниво на емотивна зрелост за боранија работа , попозната како (специјално) јавно обвинителство , нели, само да покренувам обвиненија за одземање најосновни слободи и права , и за изрекување најтешки казни, ма чиста зафрканција, тоа може и емотивно несозреани баш“, вели Астеруд и додава.
„Немам друго објаснување како лажгите и конфабулациите за многу конкретните и аргументираните критики во однос на инциденти на непрофесионалност и повреди на професионална етика во нејзината работа ги продаде за виктимизација по основ на тоа дека е жена , веројатно добро засметувајќи дека е профитабилно и себеувеличувачки да глумиш жртва пред публика која смислата на своето постоење , неретко и за билдање морална супериорност, го гледа во спасување жртви , реални, а богами не смета и кога се умислени.
Сето тоа со најмизерна злоупотреба на дадениот простор и јавност за да дефамира и омаловажи новинарски ветеран и медиумски уредник кој ја критикувал строго во професионален капацитет, како ли му беше тоа името , а да, Бранко Героски, чинам . Ма со најголема ментална и интелектуална акробација не можете да искамчите сексизам и било што од “арсеналот” во неговата критика во однос на која Фетаи глуматаше жртва, ма убедена сум , под хипноза и на детектор за лаги да го ставите , пак ништо такво нема да излезе .
Патем , потсетете се, не беше критиката негова , или било чија , дека обвинителката била во диско , никој нит ќе дознаеше, нит медиум ќе пренесеше, ако обвинителката не се исцуцули на селфи со пајкини усни по социјалните медиуми, башка серијата други , уште попроблематични работи и изјави , како во оној настапот во “документарецот “ драмолетски именуван како “Трите”.
Имам впечаток дека ниту организатор(к)ите на ПричПич, ниту дел од тие кои го проследија настапот, не се свесни за штетата што ја нанесе на каузата, најблиску по онаа, кога двапати лажеш дека има пожар, третиот пат не ти веруваат . А и голема штета за реалните жртви на феномените чиј калуп Фатиме Фетаи го злоупотреби за нелегитимна цел. Па и за неа самата , оти по некои други коментари по ФБ кои “ловат” и се налепуваат мимикрирачки на критиките од овој тип, се гледа присуство и билдање и на такви сили, дека и те како и се настрвувааат, имено дека по некои други основи таа им излегува од нивниот културно-религиозен и идеолошки калуп , екстремно патријахален и женомразачки , а на кои упорно и систематски работат и роварат низ земјата, ама , ете, за тие и таквите немаше храброст да проговори , нели, многу храбрата обвинителка, и тоа баш како жена.
Ма тие не смее да ги именува, камоли да прозбори за нив. И, нормално, се фати за Геро, непријателот бр.1 на феминизмот, половата рамноправност и правата на жените. Ха!“ пишува Астеруд.
Фетаи говореше дека јавноста и новинарот Героски ја посочиле во нивните критики затоа што се сликала во дискотека, во еден слободен викенд кога излегла со нејзините пријателки и била осудена само затоа што е жена, бидејќи во истата дискотека бил присутен и судија па него никој не го критикувал дека врши дејство кое е недостојно за правосудството. Исто така и Героски имаше жесток одговор на Фетаи која го прозва во настапот на 8 март.
