Асовски го обвини Петров дека потрошил 200.000 за себепромоција, тој демантира: За видеата не е потрошен ниту денар државни пари
Портпаролот на опозициската
ВМРО-ДПМНЕ, Димче
Арсовски денеска го обвини Коста
Петров, потпретседател на СДСМ и директор на Фондот за иновации, дека склучил рамковен договор со две
маркетинг агенции во вредност од 200.000 евра.
-Коста Петров како втор човек после Заев, се луксузира и си снима спотчиња и интервјуа за 200.000 евра, пари кои што се на граѓаните. Дали Коста Петров со овие 200.000 евра има намера да ги преплати овие две агенции и тие подоцна да работат партиски агенди или веќе работеле за СДСМ, а не знаеме, или дали има намера преку овие две агенции да врши масовен поткуп со реклами на медиуми, што е забрането законски и казниво со закон, рече Арсовски на денешната прес-конференција.
Петров веднаш демантираше, нагласувајќи дека за видеата не е потрошен ниту еден денар државни пари.
-Прво, промоцијата на ФИТР како институција која треба да ги поттикне и поддржи младите иноватори и претприемачи во нивните идеи е заложба на секој вработен во Фондот, но пред сé, моја лична. Видеата со млади успешни претприемачи и иноваторите кои ја добиле поддршката од Фондот се направени единствено со оваа цел, а не како што се наведува, за моја промоција како директор на институцијата, уште помалку како функционер во партијата. Тоа може да се провери со увид во фактурите на Фондот. Истите не се реализирани во рамките на договорите со маркетинг агенциите кои се споменуваат, за кои дополнително информирам дека се договори кои јас ги наследив од претходното раководство по моето доаѓање на функцијата. Договорите се направени во септември минатата година и потпишани од претходниот директор , Јован Деспотовски, наведува Петров во демантот.
