Асаф Адеми реферираше што сработил за еден месец откако е министер
Асаф Адеми, новиот министер за култура, кој дојде на местото на Роберт Алаѓозовски, реферираше пред новинарите за тоа што сработил во последните месец дена откако е на функција, со акцент на тоа дека за ова почетно време повеќе ги воочувал проблемите и недостатоците во ресорот.
Во подрумските простории на Министерството и на други пет национални институции од културата затекнал 770 илјади книги кои требало да бидат дистрибуирани.
„Министерството во своја сопственост има 770.000 примероци од испечатените наслови од капиталните издавачки проекти започнати од претходната влада. За да се реши оваа ситуација, првиот чекор е побрзо дистрибуирање на испечатените примероци од подрумите. Наскоро ќе биде доставена информација до Владата со нови предлог-решенија за овие наталожени проблеми во која ќе се предложи промена на листата на институциите што треба да ги добијат примероците од книгите и ќе се вклучат оние што во претходните години не добивале“, рече Адеми.
Адеми ќе се залага сите проблеми што ги затече да бидат елиминирани.
„Бидејќи ова е реформска влада, ние остануваме посветени на реализација и исполнување на сите потребни реформи, во согласност со определбите на Националната стратегија за развој на културата во периодот 2018 – 2022 година и Акцискиот план за имплементација на Националната стратегија, усвоени во Собранието во мај оваа година. За таа цел се формирани 20 работни групи од надворешни стручни лица, при што за одделни суштински прашања за реформите во културата дел од нив веќе ја завршиле или ја привршуваат работата“, рече тој.
Ресорот има договори за исплата на 22,3 милиони евра, а од буџетските средства досега се реализирани 42 отсто. Се работи и на физичкиот и естетскиот изглед на националните установи.
„Интензивно работиме на Колективниот договор за културата, на Нацрт-законот за јавниот интерес во културата, на изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права и на Законот за заштита на културното наследство. Исто така, продолжуваме со активности за децентрализација во културата, која е еден од приоритетите во Националната стратегија 2018 – 2022 година“, рече Адеми.
