Арсовски за Фактор: Имаме султан партии, но ова е демократичност, очекувам проветрување во СДСМ
Во Македонија се уште има султан партии, но ако повеќето го прифатат начинот на непосредни внатрепартиски избори за лидер како што тоа денеска го прави СДСМ во иднина тоа може да донесе демократичност на политичката сцена, вели за Фактор, Петар Арсовски, политички аналитичар. Тој сепак се согласува дека денешниот избор во партијата на власт е извесен, а дека извесни проветрувања ќе следат до конгресот кој е закажан за во мај. Централната изборна комисија го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој се пријавени за гласање 68.999 членови на владеачката партија.
„Ако партите го прифатат овој начин на гласање тоа ќе донесе демократичност. Сега е се уште рано, ние имаме се уште султан партии, но ако овој избор стане доминантен тоа ќе биде добро и тоа е демократска придобивка. Во иднина ако се вакви изборите ќе има и повеќе кандидати, вели Арсовски.
Актуелниот претседател Зоран Заев е единствениот кандидат кој поднесе кандидатура и програма за следен мандат. Поради тоа на изборите ќе се гласа со „за“ и „против“. Арсовски вели дека повеќето или сите гласови ќе бидат „за“, односно претпоставува дека ако некој е против нема да оди на гласање.
Како што веќе објавивме сите се согласуваат дека колку е извесен неговиот избор денеска, толку е неизвесен конгресот кој треба да се одржи во мај, а на кој ќе се избираат другите раководни позиции. Со тоа се согласува и Арсовски. „Сите поголеми партии се во незавидна состојба. Долгата криза прави тензии во партиите особено во партијата на влкст и има потреба од почесто проветрување. Моментално нема вакцини, има ковид, така и политичарите се трошат оти има притисок. Отсекогаш сум имал став дека треба да бидат слободни париите да изберат кого сакаат и тоа ние гласачите ќе го поддржиме или не на парламентарните избори, вели Арсовски.
Моментно заменик на Заев е Радмила Шеќеринска, а потпретседатели се Мила Царовска, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири и Коста Петров. По конгресот, Заев ќе треба да донесе нови кадровски одлуки, односно од списокот на нови членови на Централниот одбор ќе треба да го избере најтесното раководство, односно новиот состав на Извршниот одбор и идните потпретседатели и секретари на партијата, меѓу кои и генералниот секретар.
А актуелниот генерален секретар Љупчо Николовски веќе објави дека гласал.

А.Т.
