Арсовски: Видеонадзор и боди-камери само за службеници кои вршат контрола и надзор
Душко Арсовски, портпаролот на Владата, денеска рече дека во иднина законските измени кои ги најавува Владата за видеонадзор и боди-камери на администрацијата ќе важат само за оние службеници кои вршат контрола и надзор, односно кои имаат посебни овластувања.
- Предлогот за воспоставување на видеонадзор и боди-камери беше изнесен на вчерашната владина седница како една од опциите и механизмите за превенирање од коруптивни дејствија и јакнење на транспарентноста при вршење на работните задачи и обврски во институциите. Ова не се однесува на целата администрација туку на пример за слуќбениците кои што вршат контрола, надзор и посебни овластувања, особено во процесите кои што не можат да се дигитализираат и вклучуваат неопходно учество на човечкиот фактор, рече Арсовски денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Овој предлог во иднина ќе го определи опфатот на службениците, но ќе води и сметка за сигурноста и приватноста, додека законските решенија со сите измени и дополнувања до крајот на август ќе бидат доставени до Собранието
На вчерашната владина седница биле разгледувани предлози преку видеонадзор и боди-камери да се регулира работата на службениците во ситуации кога е неопходно тие директно преку физички контакт да работат со граѓаните.
Ваквиот предлог за контролирање на работата на службеници е со цел да служи како механизам за превенција од корупција, рекоа од Владата.
