АРСОВСКА ВЕТИ РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО ВОДАТА, ОД ВОДОВОД И ОДГОВОРИЈА - ние добро функционираме без разлика кој е градоначалник
Оптимизација на водоснабдителниот систем со што ќе овозможи заштеда на електрична енергија, вода, контрола на притисокот на мрежата што предизвикува чести дефекти и загуби на вода во системот. Решавање на проблемот со водоводната мрежа е еден од приоритетите на Данела Арсовска за којшто дава брзо и сигурно решение, рече кандидатката за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната пресконференција.
„Стручен тим ќе изработи студија за утврдување на состојбата на двата главни магистрални метални цевководи, едниот кој е поставен по Партизанска и другиот кој е поставен по булеварите Словенечка и Босна и Херцеговина. Овие главни цевководи се изградени уште во 1967 година со метални цевки и имаат ограничено време на трајност. Затоа ќе инвестираме во реконструкција и замена на дотрајаните и нефункционални водоводни цевки на територија на Град Скопје. Тоа ќе биде приоритет за мене“, порача Арсовска.
Посочувајќи на честите проблеми и прекини на водоснабдувањето во различни делови од градот, Арсовска упати прашање до моменталниот градоначалник зошто не се инвестира во нова водоводна и канализациона мрежа.
Нема ден да нема прекин на водата во делови од градот. Само во изминатите 2 недели дефекти имало на ул. Фрањо Клуз повеќе пати во различни интервали, на ул. Благоја Стевковски, на ул. Борис Трајковски и тоа на 22 септември, 23ти, 28ми и 29ти септември. Жителите на улица Бутелска немале вода на 20 и 21 септември, два дена по ред. Без вода се оставени граѓани од Аеродром, Кисела Вода, Драчево, Чаир и Шуто Оризари, Визбегово и Бардовци. Исто така Ласкарци, Буковиќ и Рашче немаат вода со месеци и тоа треба итно да се реши. И ова се само дел од општините, затоа што доколку почнеме да ги набројуваме сите општини ќе сфатиме дека водоснабдувањето во градот ни е очигледно постојано во дефект. И затоа сакам да упатам јавно прашање до актуелниот градоначалник каде и на што се трошат парите на граѓаните, ако сите гледаме дека не се инвестира во нова водоводна и канализациона мрежа на градот”, потенцираше Арсовска.
Арсовска се осврна со конкретни решенија на проблемите и на останатите делови на Скопје, каде, како што кажа, во некои населени места во летниот период немаат вода и со недели.
Ќе се изгради систем за водоснабдување на Ченто, Стајковци, Синѓелиќ, Инџиково и Хиподром. Исто така, од мостот во Маџари еден крак од водоводната мрежа по булеварот Александар Македонски, ќе продолжи до новата населба во Хиподром. Приоритет на Град Скопје ќе биде изградба на квалитетен систем за водоснабдување и во Љубанци, Љуботен, Раштак, Булачани, Виниче, Страчинци и Брњарци. Според програмата за модерно Скопје, која по 17 октомври ќе биде и програма на градот, ќе отпочне изградба на пумпна станица, потисен цевковод и резервоар, со што ќе се добие трајно решавање на проблемот со недоволен притисок во мрежата на Општина Ѓорче Петров. Скопје ќе биде град кој се грижи за сите граѓани подеднакво и ќе инвестираме во обезбедување на квалитетни услови за живот во секоја општина и населено место во градот, а инвестирање во реконструкција и замена на дотрајаните и нефункционални водоводни цевки на територија на Град Скопје ќе биде приоритет за мене”, додаде Арсовска.
На ова следуваше рекција од ЈП Водовод и канализација.
Оттаму велат дека ЈП Водовод и канализација – Скопје одржува водоводна мрежа во должина од 1300 км.
„Дефекти се случувале во минатото, се случуваат денес, но ќе се случуваат и во инднина, имајќи ја предвид природата на работата на претпријатието, без оглед на тоа кој бил, е или ќе биде градоначалник на Град Скопје.
Имено, ЈП Водовод и канализација – Скопје во изминатите 4 години изврши реконструкција и обнова на водоводната мрежа во должина од 66.3км, за што се вложени 445 милиони денари, на територија на град Скопје“, потенцираат од ова јавно претпријатие.
Додаваат дека ЈП Водовод и канализација – Скопје е најтранспарентното јавно претрпијатие, кое го започна најголемиот еколошки – капитален проект за изградба на пречистителната станица за отпадни води – Скопје во вредност од 136 милиони евра, средства кои се обезбеди од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со потпишување на договорите во декември 2019 година, со овие меѓународни финансиски институции.
„Пречистителна станица Скопје е една од најголемите инвестиции за инфраструктурен проект за заштита на животна средина во земјава, која трајно ќе го реши третманот на отпадните води во градот Скопје и ќе има големо влијание врз заштитата на животната средина, исполнувајќи 90 отсто од Зелената агенда на ЕУ.
Истовремено во овој период од 4 години, ЈП Водовод и канализација – Скопје успешно спроведе и два проекти за намалување на загубите на вода од системот. Едниот од нив во 2018 година во соработка со израелската компанијата „Јутилис“ (Utilis) за сателитско снимање и мапирање на скриени дефекти, невидливи за голо око. Беа откриени, а подоцна и санирани од страна на службите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, над 300 дефекти невидливи за голо око. Вториот во текот на 2020/2021 кој се спроведе во соработка со Водовод – Будимпешта и чија реализација беше комплетно финансиски покриена со средства од добиениот грант од WBGC – Western Balkan Green Center. Овој проект се спроведе на територија на Трнодол и Жданец, каде се создаде затворен – кружен систем за детектирање на загубите на вода, со специјализирана опрема и мерачи. Сите скриени дефекти, детектирани во овој период, се успешно санирани.
ЈП Водовод и канализација – Скопје, освен инвестициите во делот на водоводната мрежа во овој период, во согласност потребите и плановите за работа инвестираше и во опрема, механизација, дигитализација и во унапредување на процесите за контрола на квалитетот на водата, а денес во рамки на Секторот за санитарна контрола функционираат акредитирани лаборатории, со најсовремена опрема во нашата држава но и во регионот. Последното достигнување во овој дел е новата молекуларна лабораторија која работи со примена на ПЦР техника“, се вели во реакцијата од ЈП Водовод и канализација.
