Арсовска треба да му плати 100 илјади денари на Орце Тодоровски: Екс градоначалничката осудена за клевета
Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда во случајот Орце Тодоровски против поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, и Град Скопје, за клевета и навреда. Судот делумно го усвои тужбеното барање на Тодоровски, поранешен висок функционер на ВМРО‑ДПМНЕ и актуелен помошник‑генерален директор во МРТВ, утврдувајќи дека Арсовска на прес-конференција на 6 декември 2022 година изнела невистинити тврдења кои му нанеле штета на угледот и честа.
Изјавите се однесувале на набавка на 150 автобуси за градскиот превоз од Унгарија и посредување на Тодоровски за наводна исплата на провизија. Судот оцени дека тоа претставува клевета, поради што Арсовска е задолжена да му исплати 100.000 денари како надомест за нематеријална штета.
Покрај тоа, таа е должна јавно да ја објави изреката од пресудата на сопствен трошок во два дневни весници и да се воздржи од изнесување слични невистинити тврдења во иднина.
Солидарна одговорност е утврдена и за Град Скопје, кој заедно со Арсовска ќе го надомести износот на штета и ќе ја објави изреката според судската одлука. Тодоровски, исто така, ќе добие 16.457 денари за трошоците на постапката. Останатиот дел од тужбеното барање е одбиен како неоснован, а странките имаат право на жалба во законскиот рок.
