Економија, финансии, бизнис

Контакт

Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч

Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч

Поранешната градоначалничката на Град Скопје,  Данела Арсовска во писмено соопштение испратено до Антикорупцинерите потенцира дека денеска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба до ДКСК по престанокот на функцијата градоначалник. Остро реагираше дека требало да ги известат по мејл, а не преку медиумите.

Арсовска истакнува дека фактот што дури 35 поранешни градоначалници се нашле на истата листа е доказ дека ДКСК потфрлила во својата работа да ги информира.

„Доколку ја извршувавте вашата функција соодветно и доследно, немаше тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација. Да бевте професионални, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение, наместо да правите себепромоција преку медиумите“, пишува Арсовска.

Поранешната градоначалничка упати сериозни обвинувања дека Комисијата се занимава со административни прекршоци наместо со вистинскиот криминал.

„Добро ќе беше да сработите нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали, вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како трагедијата во Кочани, наместо да се заканувате со прекршочни глоби за обврска за која не сте не информирале“, стои во реакцијата.

Таа побара објаснување за методологијата по која е креирана „црната листа“.

„На кој начин ја креиравте листата каде како број 1 сте го објавиле моето име? Дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да му се осветите?“, прашува таа.

На крајот, таа информира дека поднесува Изјава за имотна состојба во која наведува дека нема никакви промени во нејзиниот имот согласно денот на завршување на мандатот.

фото Фејсбук/Данела Арсовска

Слично

Поврзани вести