Економија, финансии, бизнис

Контакт

АРСОВСКА ОБВИНИ ДЕКА УНИВЕРЗАЛНА СЕ ГРАДЕЛА НЕБЕЗБЕДНО: Нападите се за политички поени

АРСОВСКА ОБВИНИ ДЕКА УНИВЕРЗАЛНА СЕ ГРАДЕЛА НЕБЕЗБЕДНО: Нападите се за политички поени

Поради грешка во проектната документација, продолжувањето какви било градежни активности предвидени во првичниот проект за реконструкција на Универзалната сала значи опасност по безбедноста на граѓаните, изјави денеска градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска. Таа вели дека имало грешки во проектот и поради тие грешки наместо планираните столбови постојното решение потребно било да се зајакне со дополнителни 2 носечки столба. Тврди дека биле детектирани и бројни други недостатоци.

На денешната прес-конференција во врска со реконструкцијата на Универзална сала, градоначалничката Арсовска истакна дека на 6-ти јули 2021 година е изготвен записник во кој што јасно се нагласува дека постојат проблеми со постојната состојба на проектот, односно неусогласеност на проектот со постојната состојба на Универзална сала, а дополнително новопроектираните конструктивни елементи е предвидено да се постават врз трафостаница во рамки на постојниот објект за која што постои проблем во нејзината дислокација.

„Претходното раководство свесно за проблемите продолжиле со градежни активности иако знаеле дека постојат грешки и пропусти во однос на реконструкцијата.

Во текот на месец август се изготвени нови записници и тоа 6, 7 и 8, од 10.08.2021, 17.08.2021 и 24.08.2021, каде се нотирани проблеми за постојните конструктивни елементи, незадоволувачки параметри на армирано-бетонската конструкција и незадоволително ниво на арматура во истата, при што се очекува извештај од ЗИМ за начин на санација или рушење на тие армирано-бетонски елементи, изјави Арсовска.


Таа објасни дека на 7-ми октомври минатата година е одржан состанок во Град Скопје на кој покрај претставници на фирмите проектант, изведувач и надзор на градежните активности присуствувале и тогашниот секретар на Град Скопје и секторски претставници кои заклучиле дека постојат сериозни технички проблеми и недостатоци во процесот на реконструкција на Универзална сала, за што е потребно да се направат измени во проектот. Оваа одлука била одбиена од страна на општина Центар и не било издадено решение за измени во тек на градење, при што е побарано да се аплицира со нов проект и ново одобрение за реконструкција на Универзална сала.

На 12.10.2021 со записник број 16 надзорниот инженер дал препорака да се срушат или демонтираат конструктивните елементи, кои не ги задоволуваат карактеристиките согласно извештајот од ЗИМ, а да се демонтираат и челични елементи кои се кородирани на споевите и се проценети како несигурни и опасни за безбедноста на објектот, додаде Арсовска.


Таа додаде дека затекнатата состојба на терен во однос на тоа како се трошеле средствата донирани од Владата за реализација на овој проект која обезбедила 120 милиони денари, укажува на непланско и несоодветно искористување на средствата, без притоа да имаат целосна техничка документација и дополнително да се осигураат дека овој објект ќе биде безбеден да може да се користи и дека еден ден нема да се сруши додека има полна сала граѓани внатре.

Арсовска вели дека и покрај овие пропусти и аномалии во работењето на претходното градско раководство, реконструкцијата на Универзалната сала не е стопирана и истата ќе продолжи соодветно со новото техничко решение кое ќе обезбеди пред се поголема безбедност за објектот и граѓаните. Апелираше до министерката за култура како претставник на Владата, но и гласноговорниците на владејачката СДСМ во советот на Град Скопје да престанат со изнесување, како што рече, на информации кои единствено служат за манипулирање и извртување на фактичката состојба.

„И покрај тоа што самите тие се запознаени и учествувале во креирање на проблемот во реализацијата на овој проект. Власта треба да реши дали нападите за собирање политички поени се поважни од безбедноста на граѓаните. Дали за претходното градско раководство отпочнувањето на активностите за реконструкцијата и покрај нецелосната техничка проектна документација и сознанијата за сериозни проблеми во објектот со цел политички поени во време на изборен циклус, беа поважни од детектираната опасност за реконструкцијата на Универзална сала, вели Арсовска.

Слично

Поврзани вести