АРСОВСКА: КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички во воздухот
На иницијатива на Град Скопје во соработка со Министерството за животна средина, изминатиот месец, градот самостојно и во, здружена акција со Министерството изврши мерења на испустот на гасови од работењето на објект од тешка индустрија во општината Кисела Вода, соопшти градоначалничката на град Скопје, на вонредна седница. Посочи дека станува збро за мерење на испустот на амбиенталниот воздух во фабриката - цементарницата „Титан Усје“, а за непочитување на дозволениот испуст најави и кривична пријава против компанијата.
- При извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целокупното подрачје на градот Скопје. Мерењата се извршени во два наврати, и тоа на 26 и 27 декември минатата година, и 3 и 4 јануари годинава. Во двата наврати измерени се огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух – посочи Арсовска.
Таа дополни дека конкретно, во месец декември минатата година, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добиле и при мерењето кое е извршено на почетокот на овој месец.
- Станува збор за испуштање на три пати поголеми количини од дозволените, на метар кубен секој час. Инспектори на градот Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина извршија увид на работниот процес во цементарницата при што се забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава токму Министерството за животна средина.Имено, при последното мерење, констатирано е драстичнно пречекорување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух – посочи Арсовска.
Таа додаде дека дополнително имало загадување од котларата за загревање на цементарницата при што било утврдено дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711,9 милиграми на метар кубен.
- Поради ова, како градоначалник на градот Скопје преземав иницијатива за покренување на кривична постапка против цементарницата „Титан Усје“ согласно член 218, член 230 и член 234 од Кривичниот законик, за непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, со што се загадува воздух, почва, вода, во поголем обем и со што се предизвикува опасност за животот и здравјето на луѓето. Граѓаните на градот Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат, обидувајќи се со „донации“ по општините, коруптивно однесување и најразличен вид на влијанија да се амнестираат од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања. Како градоначалник со тимот во изминатата година работевме на системско решение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето и тоа на краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки - дополни Арсовска.
Таа посочи дека краткорочните, или популарно наречените „интервентни“ мерки од страна на градот Скопје се превземаат само по укажување на Министерството за животна средина. Одлука од Град Скопје за превземање на краткорочни мерки следува по добиено известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.
- На моја иницијатива, а заедно со секторите во градот Скопје, активно работиме и на спроведување на повеќе континуирани мерки за намалување на загадувањето во градот. Во континуитет се чистат дивите депонии, се зголемуваат субвенциите за алтернативен превоз, се воведува ред во јавниот превоз во кој повеќе нема да можат да партиципираат возила кои немаат минимум ЕУРО 4 стандарди со цел намалување нa загадувањето од овие возила. Мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се согласно Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје. Ги повикуваме ресорните институции во чија примарна надлежност е животната средина Министерството за животната средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина да ги интензивираат активностите во насока на овозможување здрава животна средина и повисок квалитет на амбиентален воздух. Градот Скопје започна со спроведување сет системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух и токму ова е еден од најголемите приоритети на кој ќе работи градската администрација. Овој сет на комплементарни мерки ќе придонесат за обезбедување повисок квалитет на живот за граѓаните и намалување на нивото на загаден воздух - дополни Арсовска.
Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни од 12 до 88 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како неправилно одлагаат отпад и го прекршуваат законот. Градоначалничката дополни дека Град Скопје покрај краткорочните мерки, работи и на план за имплементација на среднорочни и долгорочни мерки за заштита на амбиенталниот воздух.
- Како градоначалник со тимот во изминатата година работевме на системско решение за интегрирано спречување и контрола на загадувањето, при што со анализа и активности на терен детектирани се над 1000 субјекти кои е неопходно да подлежат на интегрирани еколошки дозволи со што примарните извори на загадување од индустријата ќе се ограничат во можноста да се продолжи со истото однесување. Со имплементација на овие среднорочни и долгорочни мерки, кои ќе се спроведуваат во континуитет, ќе се постигне подобување на состојбите, наместо да се делува со краткорочни мерки кои се интервентни и се активираат само кога проблемот е најизразен. Имено, од 2006 година кога со Законот за животна средина е започнат процесоот за интегрирано спречување и контрола на загадување, со што се предвидува и воведување на регистар на загадувачи и контрола на издадени А и Б интегрирани еколошки дозволи, до овој момент во градот Скопје регистирани се само 30 правни лица, иако според анализите кои ги извршивме во изминатата година постојат најмалку 1.000 вакви правни лица кои морале да бидат регистрирани и соодветно контролирани. Оттука најавувам, и едновремено апелирам до сите компании кои имаат обврска според овој закон, во наредните 30 дена да достават елаборати за управување со загадувањето и да аплицираат за Б интегрирана еколошка дозвола. Градот ќе ги превземе сите законски можности и нема да амнестира никој кој ќе биде затекнат дека врши дејност без соодветната еколошка дозвола и со тоа го нарушува квалитетот на животната средина и го загрозува здравјето на скопјани - објасни Арсовска..
Таа посочи дека за оваа година, согласно најавените мерки,
најавуваат засилени контроли и зголемена ефикасност на градскиот
инспекторат. Крајно време е, по три децении, да се стави ред и да се посветиме на тоа сите
во Скопје да имаат повисок степен на квалитет на живот.
