АРСОВСКА ИГРАШЕ ШАХ СО ДЕДО МРАЗ ДОДЕКА ГИ ЧЕКАШЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ИСТРАГАТА: „Во исчекување на резултатите од истрагата за елката“
Откако инспектори од Управата за финансиска полиција вчера влегоа во Град Скопје за да проверат како е реализирано новогодишното украсување на главниот град, градоначалничката Данела Арсовска, на својот Фејсбук профил објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз во, како што напиша, „исчекување на резултатите од истрагата за елката“.
Од Управата за финансиска полиција не откриваат повеќе детали, нагласувајќи дека предистрагата е тајна и откако ќе заврши увидот, ќе излезат соодветни законски мерки.
- Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот Јавен обвинител, велат за МИА од Управата за финансиска полиција.
