Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ преку соопштенија се скараа кој е виновен за проблемот со водата во Скопје
Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваат за тоа кој е виновен за проблемот со водата во Скопје. Владејачката партија обвини дека додека градоначалничката Данела Арсовска мислела дека се занимава со висока политика и слугувала на ДУИ и СДСМ, половина Скопје нема вода.
„Додека Арсовска не може да стане од скутот на ДУИ и СДС, ЈП Водовод праќа соопштенија дека граѓаните треба да пијат помалку вода, затоа што е лето и најверојатно сите пијат повеќе. Жално е до кое дереџе го донесе Данела Арсовска градот. Веруваме дека на Арсовска и е удобно прегратките на ДУИ и СДС, каде треба да одработува секакви работи, само не тоа што и е работа, но доколку 4 години се позанимаваше со водоводната мрежа, и со обновување на истата не само што ќе немаше проблем со притисокот, туку и големи загуби кои ги има сега, немаше да ги има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Градот пак, со став - ВМРО-ДПМНЕ кога обвинува за недостаток на вода во град Скопје, заборава да додаде дека полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата на ЈП Водовод и канализација во Шуто Оризари и за истите МВР по службена должност нема поднесено кривична пријава за кражба.
„Исто и на дивоградбата каде беше физички нападната градоначалничката Данела Арсовска, беше утврден див незаконски приклучок на вода, а Панче Тошковски дозволува таму да се продолжи со градба и се стави во одбрана на насилникот Сулејман Љамалари. Во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 м³ дневно и во просек по фатени и спречени 30 нови диви приклучоци секој ден, некој се уште глуми политички загриженост. Додека едни крадат вода и не плаќаат ни денар, граѓаните кои чесно си плаќаат, трпат поради пад на системот“, стои во реакцијата на Град Скопје.
Од таму додаваат дека потрошувачката на вода овој месец достигна рекордни 356.000 м³ на ден, што значи дури 700 литри дневно по глава на жител, највисоко ниво досега.
„Само во последниве денови, дневно се откриваат по 30 нови диви приклучоци низ Скопје, бројка која постојано расте. Одговорноста е јасна. Проблемот не е водата, проблемот се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат“, реагираат од Град Скопје.
