Економија, финансии, бизнис

Контакт

АРСОВСКА И ЈСП ДА НАЈДАТ РЕШЕНИЕ ЗА ПРЕВОЗОТ: Ако тоа не се случи, над 28.000 студенти ќе излезат на протест

АРСОВСКА И ЈСП ДА НАЈДАТ РЕШЕНИЕ ЗА ПРЕВОЗОТ: Ако тоа не се случи, над 28.000 студенти ќе излезат на протест

Над 28.000 студенти излегуваат на протест ако градоначалничката Данела Арсовска и ЈСП не најдат решение за јавниот превоз во Скопје. 

Универзитетско студентско собрание при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ во Скопје попладнево испрати соопштение во кое има голем број поплаки од состојбата во која се наоѓаат студентите поради нередовниот превоз. Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, Александар Николоски бара итно воспоставување на редовните линии и враќање во нормала на функцијата на јавниот превоз и воведување на нови и ефикасни транспортни решенија. Нивните барања се упатени на адреса на градоначалничката Арсовска и на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Ако не се најде решение за јавниот превоз и над 28.000 студенти ќе излезат на протест и ќе им се приклучат на граѓаните кои веќе најавија дека во петок излегуваат на улица.

„Данела Арсовска и и Јавно сообраќајно претпријатие Скопје, по спроведената анкета на која одговорија над 3.150 студенти, 84 отсто од нив во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65,9 отсто од нив, чекаат автобус над 20 минути. Дополнително, 93,4 отсто од студентите не се задоволни од квалитетот на јавен градски превоз во градот, а 65,9 отсто од истите воопшто не се задоволни од истиот. Затоа, по добиените бројни интерни поплаки од страна на студентите за време на одржување на колоквиумска недела и предавања при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ – Скопје и спроведената анкета за евидентната катастрофална положба во која што се наоѓа градскиот превоз, нередовност на линии, неисправност на автобуси, долго чекање на постојки, која секојдневно го нарушува студенскиот стандард“, се вели во реакцијата на УСС на УКИМ.

Бараат и продолжување и финализирање на проектот за Bus Rapid Transit, воведување на градска железница со искористување на постоечките капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје, отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти (Јужен Булевар, бул. Хрватска, бул. Србија, мостот кај Хотел Русија, продолжување на бул. Климент Охридски преку Вардар, под Кале до бул. Никола Карев, продолжување на бул. Илинден, Источна обиколница), набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови на транспорт.

Велат дека ако Арсовска не може сето ова да го исполни, оставката е секогаш опција. 

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, за во петок (22 ноември) најави протест пред зградата на Град Скопје од 13.30 часот. Причина за протестот е влошената состојба со јавниот превоз, кој предизвикува огромни проблеми на граѓаните.

Во Скопје попладнево сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП Скопје во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.

Од Град Скопје го нападнаа премиерот Христијан  Мицкоски, дека поради неговата суета луѓето ќе чекаат автобуси. 

Слично

Поврзани вести