Арсовска: Црната кампања нема да ве направи победници, само ќе продолжите да тонете
На денешната прес конференција на
кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, не беше
презентиран нов проект, туку темата беше лавината лаги, црни кампањи и
обвинувања инструирани од Шилегов, СДСМ
и Заев.
„Ова што го прават ги поминува сите граници на нормалното и не доликува на една демократска држава. Ме навредуваа и јавно линчуваа членови на моето семејство, мојата мајка, татко, мојот син и сопруг. Ме навредуваа дека сум жена, се исмеваа и си поигруваа со моите здравствени битки во минатото. Но сега веќе претераа. Кога ги фаќа паника од пораз, очигледно се бездушни и подготвени на се“ – истакна Арсовска.
Таа ја искористи прес конференцијата за да упати три пораки. Првата порака Арсовска посочи дека се однесува на причините што стојат позади лажните наводи што ги извадија за неа во текот на последните денови. Како што кажа кандидатката за градоначалник, ваквите црни кампањи ги водат со цел да свртат внимание од вистинските криминали, тендери и скандалозни договори на Петре Шилегов.
Арсовска пред присутните покажа повеќе документи поврзани со актуелниот градоначалник. Едниот од нив се однесуваше на неговиот анкетен лист, за кој како што кажа таа, не е целосен.
„Четири станови, зграда делумно дивоградба во Скопје, луксузна вила во Маврово, злато, накит, часовници, уметнички слики! Сето ова стекнато во последните 4 години со функционерска плата? Јас верувам, скопјани знаат дека ова не е точно почнувајќи од луксузната вила што ја има во Маврово којашто ниту чини 50.000 евра а исто така тој човек нема доблест да зборува за правила кога и самиот гради дивоградба“, – кажа Арсовска.
Арсовска презентираше документ и за скапата новогодишна прослава, со вкупна вредност од 300.000 евра.
“Со потпис на Шилегов се организира прослава за Нова Година којашто има вкупна вредност од 300.000 евра. Скопјани платиле 300.000 евра за една вечер забава на Шилегов. Досега тој не одговори колку чини таа прослава, лажеше дека ќе ги чини 0 денари, потоа рече дека чини 80.000 евра, а овие документи што ги имам тука покажуваат дека скопјани платиле 300.000 евра. По изборите овие документи ќе излезат на видели и ќе има одговорност. Затоа е целата паника, страв и безумно лажење, креирање и монтирање. Јас нема да се повлечат, можат да направат што сакаат во следните три дена и да извадат лажни документи, но ревизија на работењето на град Скопје ќе има затоа што некој злоупотребил пари на скопјани, некој 4 години ги лажел скопјани, мене ми е многу жал, но ќе одговараат за она што е направено”, истакна Арсовска.
Арсовска презентираше и документи за сомнителните тендери на Шилегов за градење во Скопје.
“Иако се вредни по 2, 3, па и повеќе милиони евра, на овие тендери се пријавувала само по една фирма. Ова е еден од ретки примери каде на тендер се појавува само една фирми, каде што цената не се спушта и каде се плаќаат цени што се енормно повисоки од пазарните”.
Како четврти доказ, Арсовска покажа фотографии од оваа недела во Дрисла. “Медицински отпад расфрлан на Дрисла, не се почитувани ни еден член од Законот за третман на медицински отпад. Ова е еколошка бомба којашто тој самиот си потврди дека ја има во свое владение и дека во овој момент ги труе скопјани и го загрозува животот и здравјето. По изборите скопјани ќе можат да видат како овој човек од чисто лукративни причини го загрозуваше здравјето на сите скопјани”, истакна Арсовска.
Беа презентирани документите за договор од еден милион евра потрошени од Шилегов за чистење снег во сезона кога немало воопшто снег. “Склучил уште еден ваков договор за следните сезони кога знае дека повеќе нема да биде градоначалник и тоа само неколку дена пред да почне изборната кампања, за уште 1 милион евра”, информира Арсовска.
Кандидатката за градоначалник, како шеста точка ја отвори темата за продажбата на градската куќа за 12.5 милиони евра и посочи дека парите се потрошени од страна на градоначалникот во заминување, а ништо не е изградено: “12,5 милиони евра, парите ги потроши, ништо не изгради, и сред кампања да купува нова Градска куќа. Противправно сред кампања, објави оглас за да купи нова Градска куќа и тоа на рати. Треба прво пред надлежните институции да каже каде се парите од онаа градска куќа што ја продаде”, истакна Арсовска.
„Шилегов набавил пожарникарска скала која е два пати поскапа од онаа набавена во Загреб. Платена е поскапо и пак на штета на скопјани за што ќе следи ревизија, вештачење и одговорност“ – обвини Арсовска
Шилегов пред 12 дена потпишал договор за користење на угостителски услуги во вредност од 32.000 евра. „Сред кампања троши пари од граѓаните за кафеана, за јадење и пиење. Ниту имаме Луна парк, ниту Универзална и сето тоа што го ветил а не го испонил и ова е врв на ароганција и безобразие, додека во голем број населени места нема канализација и асфалтирани улици, затоа што одлучил дека негов приоритет е да јаде и пие во кафана“ – потенцираше Арсовска.
Со втората порака Данела Арсовска одговори на Заев и таквите како него кои велат дека таа била некаква инсталација на друга земја.
„Јас можам само да бидам некој кој ќе гизастапува скопјани, ќе реализирам се што сум ветила. А на Заев ќе му порачам дека тој е заложник на многубројни инсталации, капитално и политички врзан, а сето ова граѓаните на Македонија го гледаат секој час од нивните животи со секоја ваша одлука. Особено знаат дека тој ги продаде македонските национални интереси. Вашиот брат, Вице Заев е управител, соддружник, сопственик на капитал во бугарските фирми: „Гомасидра“; „Ориент Груп“. Вашиот прв братучед Трајче Заев, е управител, содружник, сопственик на капитал во бугарските фирми: „Гомасидра“, „Ориент Груп“; „Фарма ЕУ БГ“; „Медикал 420 БГ“. Вашиот прв братучед Бобан Заев, е управител, содружник, сопственик на капитал во фирмите: „Фарма ЕУ БГ“; „Медикал 420 БГ“. Сите овие фирми се регистрирани, отворени и делуваат во Бугарија. Сите овие компании плаќаат даноци во Бугарија, не во Македонија. За каков патриотизам вие што ги продадовте македонските национални интереси имате право да зборувате“ – информираше Арсовска.
Третата и последна порака, Арсовска ја посвети на фактот дека е горда Македонка од Скопје.
„Обвинувањата за мене и за моето семејство, родители, дете, сопруг. Но ќе ги издржиме- Обвинувањето за наводното бугарско државјанство се чиста лага и последица на стравот од пораз. Црната кампања нема да ве направи победници, само ќе продолжете да тонете. Овде сега барам јавно извинување од СДСМ, Зоран Заев и Петре Шилегов за изнесените лаги во јавноста за што и ќе поднесам тужба и ќе покренам соодветни постапки за одговорност” – заврши Арсовска.
