Арсовска бара Славески да си поднесе неотповиклива оставка
Неотповиклива оставка на претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, бара градоначалничката Данела Арсовска.
Таа воедно поднесе и итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа.
„Во ниту еден случај, Советот не смее да биде оставен во рацете на човек кој нема основни морални и етички прерогативи. Невидено и недозволено е, 45 советници, претставници на скопјани да бидат заложници на копчето на Трајко Славески кој денес ја одложи седницата за советнички прашања бидејќи наводно му била одземена можноста да исклучува говорници кога не му се допаѓа нивниот говор“, велат од Град Скопје.
Велат дека од сечија корист би било Трајко Славески да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, со цел да се спречи блокирањето на функционирањето на градот и претпријатијата на градот Скопје.
„Недозволиво е, граѓаните на градот Скопје поради потребите на оваа политичка групација која институционално но и вон-институционално прави сѐ да прикаже „неспособност“ на градската администрација, тоа да го прави на штета на скопјани“, велат од таму.
Против Славески е поднесена итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа поради тешки прекршувања на Уставот во член 16. Законот за локална самоуправа во член 48. и Деловникот град Скопје во член 57, соопштија од Град Скопје.
Арсовска и Славески неколку пати се конфронтираа на седниците на Советот.Денеска „паднаа“ и „тешки зборови“. Откако координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Љубица Јанчева постави три прашања до градоначалничката Данела Арсовска, таа излезе и се обиде без микрофон да одговори, игнорирајќи го предлогот на Славески да седне некаде каде има микрофон. Арсовска е во лоши односи со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа на изборите. Инаку, таа размени остри зборови и со лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
