АРХИВА: Даравелски давал непостоечка помош за војската и полицијата
Драган Даравелски набавувал патнички возила од „Евро кар“ Битола и од Са&Са Компани од Скопје без постоење одлука на Царинската управа, без одлука на Владата и без обезбедени средства од Министерството за финансии, реобјавува МИА од својата архива за тоа како и зошто поранешниот директор на Царинска управа бил осуден на казна затвор.
Даравелски пресудата во 2007 година ја дочека во бегство. Тој по промената на власт во 2002 година пребегна во Србија, а за него се отвори обвинителен акт и започна судска постапка. Министерството за правда повеќе пати побара негова екстрадиција, Даравелски беше уапсен во Белград по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство
По години бегство, пранешниот директор на Царина Драган Даравелски, минатата недела беше спроведен во затворот Идризово за да одлежи седум години - казна што му беше одредена во судење во отсуство и која е правосилна веќе 15 години, уште од 2008-ма година.
, Даравелски заедно со раководителот на сектор за организациони кадровски имотно правни и финансиско материјални работи во Царина, Киро Доцевски покрај бесправно набавените возила, од депозитната сметка исплаќале физички лица за наводно извршени повремени работи за Царинската управа и доделувале спонзорства со што во 2001 и 2002 година, на штета на Буџетот на државата прибавиле имотна корист од над 1 милион и 650 илјади евра“, гласи во пресудата за Даравелски и Доцевски, во која тогашната претседателката на судечкиот совет Татјана Дуковска, поранешниот директор на Царинската Управа го осуди на седум години затворска казна, додека пак раководителот на сектор за финансиско работење на четири години и десет месеци.
И Даравелски и Доцевски се осудени за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување, а овој вториот дополнително и за „Фалсификување службена исправа.
Даравелски и Доцевски преку АД „Бисерка“ од Куманово исплаќале фактури за наводна набавка на храна и вода за одбранбените сили, за војската и полицијата, за што сведоците од Министерствата за одбрана и за внатрешни работи потврдиле дека таква помош бранителите не добиле.
Без претходно овластување извршил набавка на патнички возила „Шкода фелиција“ во износ од 47.309.145 денари од „Евро кар“ Битола, за што Даравелски со профактура авансно од жиро сметка на Царина со ЗПП образец од 25 декември 2000 година, потпишан од негова страна префрлил 35.482.635 денари, а обвинетиот Коцевски со четири налога од 23 мај, 5 јуни, 28 јуни и 28 декември 2001 година од депозитната сметка на Царинската управа префрлил 11.826.510 денари на „Евро Кар“ и на Са&Са Компани за две патнички возила „Ауди А6“ во вкупна вредност од 3.351.502. Сето ова, според судот го направиле без постоење на одлука на Царинската управа за потребата за набавка на возила како и без претходно да се обезбедат средства од Министерството за финансии.
Во пресудата за Даравелски судечкиот совет појаснува дека без одлука на Владата, без претходно склучен договор, Даравелски и Доцевски префрлиле вкупно 2.432.698 денари на Младинска задруга „Леон“ од Куманово од депозитната сметка на Царина која е наменета за времено собирање средства поврзани со царинска постапка, како и од 2002 година од сметката при Стопанска банка каде мигририрала депозитната сметка и сметката во Комерцијално инвестиционата банка Куманово, на име повеќе физички лица кои немале склучено Договор за дело, а за наводно извршени повремени или привремени работи за потребите на Царинската управа.
Судијката Дуковска во пресудата наведува дека Даравелски и Доцевски со вкупно доделување на 86.081.067 денари на име спонзорство од депозитната сметка на Царина и од сметката на Стопанска банка и Комерцијално инвестиционата банка Куманово, на штета на Буџетот на РМ во 2001 и 2002 година прибавиле значителна имотна корист во вкупен износ од 103.576.167 денари, од кои во 2001 година износ од 65.381.198 денари и 38.196.969 денари во 2002 година, за повеќе физички и правни лица во РМ.
На 14.03.01 со одлука се овластил сам себе да доделува спонзорство и финансиска помош, пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања со 48 потпишани налози, а Доцевски со 109 налога на штета на Буџетот на име спонзорство и плаќање по доставени фиктивни фактури, со што префрлиле од депозитната сметка на Царинската управа вкупно 49.495.870 денари на повеќе физички и правни лица прибавувајќи им имотна корист.
На ФК Куманово каде Даравелски бил претседател и потписник на жиро-сметката во 2001 година префрлиле износ од 18.268.280 денари од кои преку жиро сметка ОФС –Куманово износ од 14.018.280 денари во период кога жиро сметката на ОФК Куманово била блокирана, а на 16 јули 2001 година по профактура бр.0195/01 извршил уплата на 1.775.790 денари на Прима ауто од Битола за набавка на автобус марка „Застава ивеко“ за потоа Доцевски во службената исправа – Договор за цесија склучен помеѓу ФК Куманово, Прима Ауто и Царинската управа лажно прикаже дека Царинската управа има финансиски долг кон ФК Куманово заверувајќи ја со свој потпис и печат од Царинската управа, се наведува во пресудата.
На АД „Бисерка“ од Куманово префрлиле пари прибавувајќи имотна корист од вкупно 7.953.240 денари и тоа на име ноќевање на кошаркарите и користење хотелски услуги во хотел КУБА од Куманово 868.800 денари, иако немало склучен договор за користење на услуги, ниту пак истите се дадени, со налог од 16 август 2001 потпишан од Доцевски по фактура од АД „Бисерка“ одобриле префрлање од 1.000.000 на име „појачана исхрана“ на времено раселените лица од Кумановскиот регион, а за кои плаќање се вршело од МТСП врз основа на договор 10-2845/701 од 2 јули 2001 година склучен меѓу Министерството за труд и социјална политика и АД „Бисерка“ на 5.770.000 денари
Исплатите кон АД „Бисерка“ продолжиле и за наводно испорачани прехранбени артикли за потребите на одбранбените сили – полиција и војска врз основа на доставени фактури, кои не биле поткрепени со пропратна документација и за наводно испорачани сендвичи износ од 314.440 денари, потоа за ракометниот клуб жени од Куманово во износ од 1.100.000 денари, за ракокметниот клуб мажи во износ од 1.000.000 за Кошаркарскиот сојуз на Македонија во износ од 108.000 денари, за АЛБ – АСС Тетово во износ од 30.000 денари……
Во 2010 година државата започна да го запленува имотот на Даравелски и одземени се стан во центарот на Скопје од 119 метри квадратни и деловен простор во Куманово. Државата во 2010 година конфискуваше акции од компаниите поврзани со Даравелски, како што се „Југоопрема“, кумановската фабрика за тули „КИК“, „Козјак“, „Трготекстил“ од Скопје и ЗИК „Скачковце“ од Куманово, но и од ИК Банка и СТАТЕР банка од Куманово.
