Архиепископот Стефан му честиташе на Заев една година на власт и му посака мудрост
Архиепископот на Македoнската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан побара мудрост и внимателни потези во наредните чекори на премиерот Зоран Заев во честитката што му ја упати по повод една година од мандатот на новата власт.
Во честитката, Архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, од свое име и од име на Архиерејскиот синод и свештенството во Македонија, на премиерот Заев и на Владата им посака успех во раководењето и мудрост во донесувањето на правилните одлуки, во, како што се вели во писмото „овие времиња на многу искушенија, а за доброто на сите во Република Македонија“.
Од владината прес-служба соопштија дека премиерот Заев изразил благодарност и уверување дека
меѓусебното разбирање ќе донесе само добри плодови за единството и поубавата иднина на сите граѓани
на Република Македонија.
„Мене како премиер, и на министрите на македонската Влада, ни претставува чест што стоите позади
визиите за единствена и европска Република Македонија и со Вашата мудрост ги препознавате процесите
кои носат подобар живот на сите наши граѓани“, напиша премиерот Заев во писмото до г.г. Стефан.
