Арбен Таравари: Злоупотребен сум во реклама како лекар
Арбен Таравари, претседателот на владиниот коалиционен партнер Алијанса на Албанците, ја предупреди јавноста дека неговото име е злоупотребено во реклама за производ за злабеење.
„ВНИМАНИЕ!!!Како лекар, длабоко сум загрижен за ширењето лажна реклама во мое име за производ за слабеење, за којшто се тврди дека придонесува за губење на телесната тежина.
Ги повикувам луѓето да бидат исклучително внимателни кога наидуваат на вакви содржини, коишто во дадени околности дури може да предизвикаат и големи штети по нивната здравствена состојба.
Мој приоритет отсекогаш бил грижа за здравјето и благосостојбата на граѓаните. Сите граѓани треба да имаат пристап до точни и веродостојни информации кога станува збор за нивното здравје и благосостојба.
Ги повикувам институциите да преземат мерки против ваквите лажни реклами коишто не само што можат да ги доведат потрошувачите во заблуда, туку и да предизвикаат сериозни здравствени ризици“, објави Таравари.
На ваква злоупотреба во реклами за лекови што се нудат на социјалните мрежи злоупотребено беше и името на микробиологот Михаил Пановски, а се пожалија и неколку други стручњаци познати во јавноста.
